Влада: Претпристапниот дијалог со добро темпо, очекуваме напредок

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

 

Почитувани,

Владата на Република Македонија посветено и одговорно, и максимално ангажирано, пристапува кон реализацијата на нашата стратешка определба за достигнување на европските стандарди и интеграција на Република Македонија во Европската Унија.

Се спроведуваат голем број реформи и модернизации, граѓаните во огромен процент уживаат поддршка на интеграцијата, политичките и општествени субјекти имаат поддршка на процесот, ангажирани се големи ресурси, и кадри и финансиски за постигнување на целта, имаме партнерски односи и соработка во процесот од страна на Европската Комисија.

Доказ за нашиот ангажман се трите последователни позитивни извештаи на Европската Комисија, и трите последователни препораки за почеток на преговори за членство во Европската Унија, како и отворањето на Претпристапниот дијалог на високо ниво меѓу РМ и ЕУ, и иако тој не ги задоволува нашите аспирации во целост, бидејќи финална наша цел е почеток на преговори за членство, е добра можност за продолжување на реформите во услови на попреченост која ни се случува од познати причини во врска со нашиот јужен сосед.

И оваа година пристапивме со прецизен план и програма за исполнување на европската агенда, и со конкретни мерки и активности кои ги спроведуваме за достигнување на стандардите. Денес, може да објавиме дека имаме целосна исполнетост на владината програма во врска со агендата на Претпристапниот дијалог, и сите обврски предвидени за овој период, а кои зависеа од Владата, се исполнети и завршени, останува понатамошно процесуирање и финализирање на истите на други инстанци. Очекуваме во идниот период со партнерски однос со Европската Комисија, и со поддршка на сите политички, општествени и економски субјекти, да ги финишираме низ преостанатите инстанци, целосно сите акти, мерки и активности кои се произлезени од Владата, и затоа повикуваме на одговорен и конструктивен однос од секој поединец и група, и понатамошно вложување на енергија за напредок кон општото добро.

Почитувани претставници на медиумите, дозволете ми да се осврнам на деталите:

Претпристапниот дијалог на високо ниво дава значајна поддршка на пристапниот процес фокусирајќи се на реформите во клучните приоритетни области. Владата усвои оперативен патоказ, со цели, мерки, институција носител, рок и финансиски алокации, со цел исполнување на реформските цели, кој тековно се реализира, и како што истакнав навремено се исполнува.

Владата преку конструктивен дијалог разви мерки за надминување на предизвиците во делот на слободата на изразување во медиумите. Договорено е решение за декриминализација на клеветата како и зајакнување на професионални стандарди во медиумите.

Владата е целосно посветена и на спроведување на сеопфатни изборни реформи кои се во линија со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и ГРЕКО, изготвени се нацрт измените, се води дебата за ова прашање и се очекува финиширање во нивното прифаќање заклучно со месец септември 2012 година. Во работните тела беа вклучени Владата, политички претставници од власт и опозицијата, странски претставници и експерти, Државната изборна комисија што дава легитимитет на процесот, а беше користена и поддршка од ЕК.

Владата е силно посветена на развој на мултиетничкото општество, а за таа цел изготви сеопфатен преглед на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор заклучно со крајот на месец јуни оваа година кој беше договорен со ЕУ.

Во однос на владеењето на правото – со предлозите за измена на Законот за судовите професионалноста на судството ќе биде зајакната со што ќе се забрза имплементацијата на новите професионални стандарди за избор на судии во повисоките судови, ќе се премости преодното решение и ќе се врши избор на судии од Академијата за судии и обвинители во целост. Се работи и на преглед (оцена) на правните одредби за дисциплинските постапки и отпуштања, со цел натамошно зајакнување на независноста на правосудството.

Во однос на борбата против корупцијата, беше зајакнато законодавството за конфликт на интереси, со давање нови овластувања и обврски на Државната комисија за спречување на корупцијата, со кои се овозможува процесуирање и динамика во нејзината работа и превенирање на аномалиите. Резултатите во борбата против корупцијата ќе бидат поблиску следни.

Во тек се сериозни реформи во делот на јавната администрација. Веќе е изработен закон за администрација кој е ставен на јавен увид и дебата, со кој ќе се консолидира професионалноста на јавната администрација.

Што се однесува на зајакнувањето на пазарната економија, се преземаат низа мерки и активности, преку зајакнати правни и институционални механизми, и цврсти среднорочни макро-финансиски стратегии, со цел подобро функционирање на пазарот. Предизвиците на пазарот на трудот се адресираат преку активни мерки со цел постигнување на инклузивен и ефективен пазар на трудот, како и преку изработка на стратешка студија за основните причини за невработеноста. Се спроведува и процедура за намалување на административните бариери, серија на мерки за подобрување на конкурентноста, регулација на пазарите и помош при вработувањето.

Важно е да се нагласи дека Владата на Република Македонија и Европската Комисија го препознаваат заедничкиот интерес, а тоа е отпочнување на преговори за членство во ЕУ.

Во исполнувањето на обврските од евроинтегративната агенда, континуирано се ангажирани 880 лица (експерти од редот на администрацијата), организирани во 35 работни групи, кои работат на исполнување на обврските.

Редовно се одржуваат состаноците на Советот за стабилизација и асоцијација, Комитетот и поткомитетите, и планот за настани е во целост исполнет.

Почитувани,

Република Македонија во овој момент се наоѓа на едно повисоко скалило во исполнувањето и достигнувањето на стандардите во однос на фазата во која се наоѓа. Како резултат на нашата работа и посветеноста на сите граѓани и субјекти, апелираме нашиот труд, ангажман, реформи и придонес да биде вреднуван, а напредокот да не биде попречуван. Овој напредок, и либерализацијата на многу сегменти во слободниот проток на лица, капитал, стоки и услуги ќе биде од корист и за нашиот сосед Грција и за целиот регион. И во идниот период продолжуваме со реализација и достигнување на нови скалила во исполнувањето на стандардите.