Проект „Регионална мрежа за стекнување знаења за подобро управување со отпадни води“

Воспоставување на плаформа за развој, размена на информации и знаења, подобрување на позицијата на општините и комуналните претпријатија во областа на водоснабдувањето и третманот со отпадните води е целта на денешната работилница по повод почетокот на регионалниот проект „Регионална мрежа за стекнување знаења за подобро управување со отпадни води“.

Овој проект ќе се имплементира во четири земји - Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора. Ќе го спроведуваат здруженијата на даватели на комунални услуги АДКОМ - Македонија, SHUKALB - Албанија, WSWAM - Црна Гора и SHUKOS - Косово.

- Освен пренесување на искуствата, ќе се разговара и за изворите на финасирање на ваквите проекти. Македонија како земја кандидат за зачленување во ЕУ, веќе го има усвоено Законот за води. Ние исто така сме обврзани да ги имплементираме и директивите за третман за водите, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.

Тој потсети дека во Македонија веќе се реализираат неколку проекти во општините Ѓорче Петров, Сарај, а наскоро треба да се почне со пречистителната станица во Прилеп. Со средства од ИПА треба да се проектираат и реализираат пречистителни станици и во Тетово, Битола, Валандово и Гостивар.

Игор Спасовски, директор на ЈП за комунални работи „Солидарност“ од Виница и претседател на Надзорниот одбор на Здружението на даватели на комунални услуги на Република Македонија - АДКОМ информира дека комуналните претпријатија кои стопанисуваат со води исто така се одговорни и за отпадните води на територија на Република Македонија.

- За таа цел ние, секој поединечно досега го имаме решавано третирањето на отпадните води, но директивите од ЕУ наметнуваат поинаков начин на решавање на овој проблем и интегрирано управување со отпадните води, рече Спасовски и додаде оти овој проект е финансиран од Германската агенција за техничка помош.

Според него, кога ќе се воспостави интегриран систем во сите градови во Македонија тогаш заедно со околните држави ќе биде многу полесно барањето средства од европските или од други фондови.

Тој додаде дека во период од година ипол ќе се реализира проектот, а во сите четири држави ќе има заеднички работилници, патувања од една во друга држава, стекнување искуства и знаеања, како што рече, се со цел подобро запознавање на проблемот и имплементирање на позитивните искуства.

Спасовски истакна дека Виница се уште нема пречистителна станица, но се работи физибилити студија за изградба на пречистителна станица која ќе ги опфати општините Виница, Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.

- Имаме позитивно искуство од  Берово, каде пред две години беше пуштена пречистотелната станица за отпадни води, донација од Швајцараската амбасада. Оваа амбасада веќе има почнато изградба на пречистителна станица во Гевгелија, рече Спасовски и изрази надеж дека во следните две години ќе се прочисти коритото на реката Брегалница.