Кралев: Со 10 милиони денари ќе се реконструираат три училишта во општина Виница

Министерството за образование и наука одвои од Буџетот на Република Македонија 10 милиони денари кои ги намени за  реконструкција на три училишни објекти во општина Виница со што ќе се подобрат условите за квалитетно следење на наставата.

Ова го истакна министерот за образование и наука  Панче Кралев во рамки на денешната посета на општината каде ги посети основните подрачни училишта во селата Градец и Истибање и Средното општинско училиште „Ванчо Прќе“.

- Овие десет милиони денари ќе ги намениме за реконструкција на фискултурната сала во подрачното училиште „Славчо Стојменски“ во село Градец, за замена на подот во средното општинско училиште „Ванчо Пркле“ како и за замена на прозорците во подрачното училиште во село Истибања, изјави министерот Кралев.

Прашан за уписите во средните училишта, Кралев ја најави потребата од промена на наставните програми во стручните средни училишта  и воведување на нови барани струки на пазарот на трудот. - Ова посебно се однесува на оние занимања кои се дефицитарни на пазарот, рече Кралев.

Министерот потврди дека во новата академска година ќе биде дислоциран и Машинскиот факултет од Виница во Кочани.

Градоначалникот на општина Виница, Емил Дончев потсети дека досега општината со средства од Министерството реализирала два значајни проекта - адаптација на простор во ОУ „Гоце Делчев“ за ученици со посебни потреби и изградба на две тениски игралишта во ова училиште.