До 5.000 евра владина поддршка за занаетчиите

До 5.000 евра, односно 300.000 денари субвенции за набавка на опрема, алат и стручно усовршување, предвидува Владата за поддршка и развој на македонското занаетчиство.

Како што рече денеска министерот за економија Ваљон Сарачини, со средствата ќе се кофинансираат 75 отсто од трошоците направени од 1 јануари до 1 ноември 2012 година. 

Постапката за добивање субвенции е многу едноставна, без пишување и креирање проекти. Услов е единствено апликантот да биде регистриран согласно Законот за вршење занаетчиска дејност и да почнал со работа најмлаку шест месеци по објавување на повикот.

- Потребно е само да доставите барање до Министерството, доказ за направените трошоци и потврда за посета на обука или семинар кој овозможил стручно усовршување, изјави Сарачини по посетата на занаетчиите, учесници во манифестацијата „Недела на чаршијата“.

Владата, додаде министерот, веќе неколку години ја реализира програмата за поддршка и развој на занаетчиството. Досега во овој дел е сторено многу, но сепак не доволно за целосно развивање на секторот.

- Занаетчиството има простор и потенцијал да вработи многу луѓе, но воедно е и одлична можност за развој на културниот туризам. Ззатоа во владината прграма е предвиден нов модел на поддршка, нагласи Сарачини.

Од Занаетчиската комора посочија дека духот на секој град се чаршиите, а духот на чаршиите се занаетчиските дуќани. Оттука, поддршката на занаетчиството ќе придонесе за заживување и враќање на сјајот на чаршиите во земјата.

Јавниот повик за субвенционирање занаетчии е објавен на 22 јуни годинава.