Во Битола електронски распределени станови наменети за млади брачни двојки и самохрани родители

 Во Битола денеска беше извршена јавна електронска распределба на станови, наменети за продажба на млади брачни двојки и самохрани родители, изградени по Програмата за изградба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Македонија.

Во присуство на апликатните, информира Министерството за транспорт и врски, по електронски пат јавно беа распределени девет станови во објектот на улица „Кочо Рацин“ во Битола и три станови во општина Аеродром во Скопје кои беа нераспределени по претходни три огласи.

- Ја информираме јавноста дека за становите кои останаа нераспределени во објектот во Битола во следниот период повторно ќе биде распишан оглас за нивна распределба во дневните печатени медиуми како и на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски, стои во соопштението од ресорното Министерство.

Оттаму потсетуваат дека со годишната програма на Владата за изградба и одржување на станбен простор сопственост на Република Македонија за 2012 година предвидена е изградба на уште 42 стана во Скопје, 19 станови во Кавадарци и 58 станови во Велес во рамки на проектот за изградба на станови за станбено необезбедени лица, наменети за продажба на млади брачни двојки и самохрани родители.