Владата со позитивни оценки за финансискиот пазар

Финансискиот пазар во Македонија, кој е крвотокот на економијата е здрав и добро функционира и покрај тешката европска должничка криза и рецесија која што ја имаме во моментот. Генерално тоа е добро што се случува, зашто сепак останавме отпорни и во делот на банкарството, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

Тој појасни дека првиот удар од светската криза беше врз банките при што колабираа многу банки во светот, изгубија ликвидност, државите мораа да ги национализираат, некои од нив и пропаднаа, луѓе изгубија пари во тоа и тоа предизвика нов економски колапс.

- Добро е што имаме здрав финансиски и банкарски сектор кој е заштитен од кризата. Тоа создава и чувство на доверба кај граѓаните и не случајно се повеќе парите ги оставаат во банките и ги претвораат во домашна валута затоа што расте довербата во денарот заради стабилноста на денарот, заради стабилноста на девизните резерви, на монетарна политика, заради нискиот долг на државата од околу 26-27 проценти. Сите овие макроекономски перформанси и добрата заштита што во минатите години беше направена околу македонскиот финансиски систем, македонското банкарство влеваат доверба во граѓаните и на некој начин го штитат системот од дополнителни шокови кои се случуваат во многу земји за време на оваа светска криза, оцени премиерот Груевски по пуштањето во употреба на четири нови лаборатории на Факултетот за информатика и компјутрерско инженерство.

Тој посочи оти Европа моментално е во најтешката рецесија во која што може да биде од почетокот на оваа европска должничка криза поради што некои земји и ги зголемија даноците.

- Секојдневно растат даноци. Шпанија го зголеми ДДВ-то од 19 до 21 проценти. Македонија ниту зголеми даноци, напротив некои од нив ги намали, ниту дозволи банка да пропадне, ниту девалвираше денарот, ниту се отпуштија луѓе од работа од администрацијата, ниту се намалија платите и пензиите и субвенциите. И покрај тешкотиите со кои се соочуваме затоа што на удар е нашиот извоз, на удар се приливите на странски инвестиции заради рецесијата во Европа, успеваме главните елементи на стабилноста на економијата да ги зачуваме додека не се реши проблемот во Европа и додека Европа не исплива во мирни води, додаде премиерот Никола Груевски.