Фетаи се сретна со директорот на НДИ, Дејвид Сип

Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, денеска се сретна со високиот резидентен директор на Националниот демократски институт (НДИ) во Северна Македонија, Дејвид Сип, заедно со неговите соработници.

За време на средбата се дискутираше за приоритетите во работата на Кабинетот на заменик-претседателот на Владата, како и за спроведувањето на проектот на НДИ „Заедници со интегритет“, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската амбасада.

Заменик-претседателот на Владата, Фетаи, ги информираше присутните за првата конститутивна седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите за борба против корупцијата, која ќе се одржи следната недела. На оваа седница се очекува да се дискутираат измените на Законот за спречување на корупцијата, како и извештајот за спроведувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Дополнително, Фетаи најави дека премиерот Христијан Мицкоски ќе учествува на оваа седница, испраќајќи јасна политичка порака дека борбата против криминалот е заедничка заложба на Владата. На средбата се поканети и амбасадорот на ЕУ, Михаелс Рокас, амбасадорката на САД, Анџела Агелер, и амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал, со цел да се нагласи поддршката од меѓународниот фактор во оваа област.

Од своја страна, директорот на НДИ, Дејвид Сип, изјави дека проектот „Заедници со интегритет“ има за цел да им помогне на општините во градењето силни институционални системи и практики за интегритет, со што ќе се минимизираат ризиците од корупција и ќе се зголеми довербата на граѓаните во институциите. Тој исто така информираше дека веќе е распишана јавна набавка за избор на невладини организации кои ќе им помагаат на општините во создавање антикорупциски механизми, особено во сферата на јавните набавки.

Фетаи и Сип се согласија да го продолжат соработката за обезбедување средства од донаторите со цел да се овозможи континуитет во спроведувањето на проектот.