Ѓорѓиев: Нови стипендии за докторски и специјалистички студии

Владата ќе доделува полна стипендија, која вклучува школарина и трошоци за престој и исхрана, на сите лица кои ќе успеат да запишат или на докторски, или пак на специјалистички студии од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата на еден од 100 најреномирани универзитети во светот. Стипендијата ќе биде за секое лице кое ќе ги исполни условите, без никакво ограничување во поглед на бројот или пак висината на школарината. Ова е исполнување на уште едно ветување на Владата.

За таа цел, ќе бидат распишани два конкурса. Првиот за доделување стипендии за докторски и за специјалистички студии од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата. Овој конкурс ќе биде објавен денеска, на веб страната на Министерството за образование и наука, и преку средствата за информирање.

Вториот конкурс се однесува за докторски студии на било која научна област. Овој конкурс ќе биде објавен следната недела.

Дозволете да се осврнам на првиот конкурс.

1. Стипендија за докторски студии на медицината, ќе добие секое лице кое аплицирало на повикот, кое има завршено магистерски студии со просечен просек од 8.5 и кое е примено во прва година на докторски студии на еден од 100 најреномирани универзитети во светот. Лицата треба да познаваат странски јазик, да имаат објавено и 3 стручни трудови и прибавено 2 мислења од универзитетски професори.

2. Стипендија за специјализација од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата ќе добие секое лице кое аплицирало на повикот, и кое е примено на специјалистички студии во прва година на еден од 100 најреномирани универзитети во светот, и ги исполнува следниве специфични услови во зависност од областа:

-за кандидатите за специјализацијаиспит;

-за кандидатите за специјализација од областа на стоматологијата и фармацијата, да има завршено студии од областа на стоматологијата и фармацијата во траење не пократко од пет години, со просечен успех од најмалку 8.5 и положен стручен испит;

-Кандидатот кој ќе аплицира за стипендија за специјализација потребно е да има добиено мислење од соодветната лекарска, стоматолошка односно фармацевтска комора за исполнување на условите за продолжување на усовршувањето на специјалистички студии;

-да има уверение-потврда за активно познавање на јазик (TOEFL, IELTS, DELFT или нивен еквивалент за соодветното јазично подрачје), освен за кандидатите кои своето претходно образование го завршиле на јазикот на кој се изведува наставата;

-кандидатот да има добиено позитивно мислење од Советот за специјализација при Министерството за здравство за потребата на јавното здравство од таква специјализација на територијата на Република Македонија. Ова се однесува најмногу на специјализација на правци чиј делокруг на работа е актуелен и потребен во Република Македонија, односно да не се однесува на пример за специјализација на третирање на некои болести кои се карактеристични за Африка или Азија и

-да имаат објавено најмалку 3 стручни трудови од областа за која се заинтересирани да аплицираат за специјалистички студии, и да прибават 2 препораки од универзитетски професори, или работодавач (доколку истите се во работен однос).

Кандидатот кој завршил специјалистички студии во странство треба по завршувањето на студиите,  најмалку 15 години да работи во јавните здравствени установи во РМ, при што неговата работна позиција ќе биде соодветна на видот и степенот на неговите образовни квалификации.

Кандидатот кој завршил докторски студии по медицина во странство треба по завршувањето на студиите, најмалку 9 години да работи во дејности во кои завршил докторат по медицина. Притоа 6 месеци ќе работи во државната управа, во кои месеци ќе треба државата да му најде алокација соодветна на видот и степенот на неговите образовни квалификации, а доколку државата тоа не го направи тогаш лицето ќе има слобода да одбере работа во било која друга област надвор од државната управа, но во Република Македонија.

Во случај кандидатот да одлучи по завршувањето на студиите да не се врати во Република Македонија и работи најмалку 9 или 15 години (соодветно дали аплицирал за докторски или специјалистички студии), потребно е да ги врати сите исплатени средства доделени за стипендија во износ десет пати поголем од износот на стипендијата, најдоцна во рок од една година од завршувањето на студиите.

Стипендијата се доделува на кандидатот за времетраењето на студиите но не подолго од шест години. На корисникот на стипендијата целосно ќе му бидат покриени трошоците за времетраењето на специјализацијата кои се однесуваат на школарината за специјализација и трошоците за исхрана и престој согласно утврдениот просек за земјата во која се одвива специјализацијата.

За вториот конкурс кој ќе биде објавен следната недела би важеле следните услови.

1. Стипендија за докторски студии ќе добие секое лице кое аплицирало на повикот, кое има завршено магистерски студии со просечен просек од 8.5 и кое е примено во прва година на докторски студии на еден од 100 најреномирани универзитети во светот, а докторските студии може да бидат на било која научна насока, економија, право, технички науки и сите останати правци, а лицата треба да имаат објавено и 3 стручни трудови и прибавено 2 мислења од универзитетски професори.

Кандидатот кој завршил докторски студии во странство по завршувањето на студиите и враќањето во РМ, најмалку 9 години ќе работи во дејности во кои завршил докторат во струката. Притоа 6 месеци ќе работи во државната управа, во кои месеци ќе треба државата да му најде алокација соодветна на видот и степенот на неговите образовни квалификации, а доколку државата тоа не го направи тогаш лицето ќе има слобода да одбере работа во било која друга област надвор од државната управа, но во Република Македонија.

Ова е исполнување на уште едно ветување, и Владата секогаш како и досега ќе ги мотивира и ќе обезбедува финансиски средства за лицата кои сакаат да го надградат своето образование на конкурентни меѓународни универзитети, и да ги зголемат своите перформанси, знаење и вештини за потоа тој образовен фонд да го искористат во Македонија и да придонесат за сите граѓани и за општиот развој на земјата.