Димовски: Да се прави разлика меѓу увозот на храна и производство на земјоделски производи

Мора да се прави разлика меѓу увозот на храна и производство на земјоделски производи зашто станува збор за две сосема различни категории, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, одговорајќи на новинарско прашање зошто и покрај исплатените субвенции во изминатите шест години расте увозот на храна.

Според него, увозот на храна мора да се анализира, да се знае кои производи се внесуваат.

- Зголемениот увоз на храна, меѓу другото, е и зголемување на стандардот во државата зашто пазарот е слободен и дозволува секому, според потребите, да троши какви сака производи. Не можеме да им забраниме на граѓаните да купуваат производи со повисока вредност и поголем квалитет од домашните доколку така ценат, рече Димовски по состанокот на Комитетот за следење на ИПАРД.

Сепак, додаде, ситуацијата треба објективно да се согледува. - Производството на земјоделски производи во изминатите 5 до 6 години е зголемено, особено извозот кој од 242 милиона евра во 2006 година се зголеми на речиси 500 милиони во 2012 година што е драстичен скок како резултат на владините мерки и политики, напомена ресорниот министер Димовски.