Груевски: Бесплатно лекување за пензионерите со пониски пензии

Од 1 јануари пензионерите кои земаат пензии помали од просечната пензија во државата ќе се лекуваат бесплатно, информира денеска премиерот Никола Груевски.

Тој потсети дека покрај зголемувањето на пензиите во минатото и бесплатното заминување на бања, ова претставува уште една мерка со која им се помага на пензионерите, а која мерка претставува исполнување на изборното ветување.

- Пензионерите кои земаат пензија помала од просечната ќе добијат целосно бесплатно болничко лекување без плаќање партиципација, бесплатна терапија и други пропратни работи што болниот може да ги има и со кои може да се судри. Партиципацијата од 20 проценти за болничко лекување нема да постои за сите што имаат пензија помала од просечната. Ова беше наше изборно ветување внесено во Програмата која им ја понудивме на граѓаните, следува негова реализација, рече Груевски.

Тој додаде дека во меѓувреме Министерството за здравство ќе треба да подготви специјална програма за спроведување на оваа владина мерка.