Груевски: Растот на туризмот резултат на нашите политики

Растот во туризмот во првите пет месеци од осум отсто е резултат на политиките на Владата за поддршка на оваа економска гранка, изјави денеска премиерот Никола Груевски. 

- И оваа година заклучно со мај месец, кога се уште не е почната туристичката сезона веќе имаме зголемување од осум проценти во туризмот. Тоа се должи, пред се, на зголемување на туристичката понуда. На пример, значително е зголемен туризмот во Скопје заради многуте нови атрактивности што ги нуди градот, особено центарот на градот и се разбира, понудата што Владата ја даде кон тур-операторите, односно можност за нивно субвенционирање доколку носат туристи во Македонија, но и отворањето на новиот аеродром каде што се инвестираа над 100 милиони евра, посочи Груевски по посетата на објектот на Пекабеско во градба.

Тој укажа и на последните владини мерки во овој сектор.

- Се надевам, со новите мерки коишто ги презедовме како субвенционирање на авиолетови што почнува од есенва преку „Визер“ со нови шест дестинации и дополнително уште една дестинација која што е надвор од овој пакет, значи вкупно седум дестинации, ќе дојде до уште позначително зголемување на бројот на туристи. Ние ја следиме и состојбата со хотелите и, според информациите што ги имаме тие се во најголем дел пополнети, што значи дека може да се очекува изградба на нови хотели во иднина. Ова го говорам и со оглед на фактот дека Владата веќе успеа поголем број на локации да продаде на отворен јавен повик за инвеститорите. Така што мислам дека туризмот допрва ќе има свој пораст затоа што се инвестира многу и во изградба на хотели и во субвенционирање на тур-оператори, субвенционирање на авиокомпании, во нова туристичка понуда, нови музеи и други туристички градби коишто се атрактивни, рече Груевски.

Очекува, уште поголем раст на туризмот за време на главната туристичка сезона, како и продолжување на овој тренд секоја наредна година со сериозно зголемување затоа што, вели, Владата е посветена на ова прашање.