Груевски: Стартува изградбата на 42-катниците во Аеродром

Во понеделник почнува изградбата на висококатниците што во Скопје ќе ги гради турската компанија „Џевахир холдинг“, инвестиција вредна 100 милиони евра. Ова го потврди денеска премиерот Никола Груевски.

Според проектот, ќе се градат четири висококатници со 42 ката и објект кој ќе претставува деловен и трговски центар, а во станбениот комплекс ќе живеат 5.000 луѓе.

- Ова е инвестиција на која што подолг период работевме, подолг период имавме контакти, но по завршената презентација од наша страна на условите за водење бизнис, ниските даноци, можностите за купување градежно земјиште по многу ниска цена, намалените бирократски процедури од страна на Владата за добивање градежни дозволи, како и севкупниот наш ангажман и посветеност, сопственикот на компанијата донесе конечна одлука да инвестира, рече премиерот Груевски по посетата на новиот објект на „Пекабеско“ во градба.

Оваа инвестиција, како што истакна премиерот, ќе влијае и на градежниот сектор бидејќи станува збор за сериозен и крупен градежен зафат. - Инвестицијата, исто така, ќе влијае и на понудата на станови во Република Македонија, бидејќи ќе се изградат огромен број станови, додаде Груевски.

Четирите висококатници ќе бидат највисоките згради во Република Македонија.