Канческа - Милеска му го врачи признанието „Пријател на Македонија“ на уметничкиот директор на театарот „Вера Фјодоровна Комисаржевскаја“ од Санкт Петербург

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска денеска на Виктор Новиков, уметничкиот директор на престижниот руски државен академски драмски театар „Вера Фјодоровна Комисаржевскаја“ од Санкт Петербург, му го врачи специјалното признание „Пријател на Македонија“, за особен придонес во унапредувањето на македонско-руските културни врски.

Во обраќањето пред присутните на свеченоста одржана во Дирекцијата на „Охридско лето“ во Охрид, министерката Канческа - Милевска истакна дека признанието претставува чин на искрена благодарност до Новиков и театарот од Санкт Петерсбург за сето она што го имаат направено во текот на изминатите години во насока на продлабочувањето на соработката во областа на театарската уметност, но воедно и пријателството меѓу двете земји.

Канческа - Милевска изрази уверување дека и во иднина ќе следуваат многу нови гостувања, размена на уметници, проекти и претстави меѓу театрите од Македонија и рускиот државен академски драмски театар „Вера Фјодоровна Комисаржевскаја“, со што и понатаму ќе ја продлабочуваме соработката во театарската дејност помеѓу Република Македонија и Руската Федерација.

Инаку, Битолскиот театар минатата година со претставата „Опасни врски“ имаше извонреден настап во Санкт Петерсбург, на прославата на 69-от роденден на театарот „Вера Фјодоровна Комисаржевскаја“, со што беа заокружени Деновите на македонската уметност во Русија. Притоа двата театри потпишаа и едногодишен договор за соработка, кој предвидува бројни возвратни гостувања на ансамблите на двете театарски куќи и можност за заеднички, копродукциски сценски проекти. Сегмент од тој договор беше и синоќешниот настап на отварањето на „Охридско лето“, што инаку е 11-то по ред преставување на рускиот театар во Македонија.