Ваши екселенции, почитувани министри, почитувани претставници на бизнис заедницата,
Денешниот собир, овој 9-ти Балкански економски самит под гостопримството на РУМЕЛИСИАД, не е само платформа за економски дискусии, тој е всушност и потврда за динамичната поврзаност на нашиот регион. Овој Самит претставува уште една потврда на силните и пријателски врски кои ги поврзуваат Република Северна Македонија и Република Турција. Овие односи, кои се длабоко вкоренети во нашата заедничка историја и култура, денес се манифестираат преку интензивна соработка во многу области, вклучувајќи ја и економијата.
Односите помеѓу Северна Македонија и Турција се искрени, динамични, стратешки и ориентирани кон иднината. Не станува збор само за добри односи, туку за заедничко разбирање на регионалниот контекст, за заемна поддршка во клучни моменти и за координирани чекори во иницијативите од заемен интерес. Нашата билатерална соработка опфаќа широк спектар: од висока политика и одбрана, преку економија и трговија, до образование и културна размена. Турција е еден од најзначајните странски партнери во економскиот развој на нашата земја, но уште поважно, таа е партнер кој вложува долгорочен интерес во стабилноста и напредокот на целиот регион.
Во време кога глобалната економија се соочува со непредвидливи предизвици, настани како денешниот Самит имаат посебна тежина. Тие се можност не само за анализа, туку и за поставување конкретни цели. За нас, продлабочувањето на економската соработка со Турција, особено во делот на инвестиции, дигитална економија, зелени технологии и инфраструктурно поврзување, е од клучно значење. Веруваме во принципот на меѓусебна комплементарност, не како реторика, туку како модел за конкретни резултати. Северна Македонија нуди стабилност, пазарна предвидливост и европска перспектива; Турција пак од друга страна, носи искуство, капитал и регионална мрежа. Оваа комбинација е наша заедничка шанса и таа треба да биде искористена.
Лично, како некој кој имал можност да студира во Турција, длабоко ја ценам блискоста и поддршката што нашите две земји меѓусебно си ја даваат. Како Министерство за европски прашања, ние сме посветени на креирање на поволна бизнис клима и на унапредување на европските стандарди во нашата економија. Работиме на подобрување на регулаторната рамка, намалување на бирократијата и обезбедување транспарентност и предвидливост за инвеститорите. Северна Македонија е цврсто на патот кон европската интеграција, а економската соработка и странските инвестиции се клучни за постигнување на оваа стратешка цел. Благодарам.