Средба на вицепремиераката Теута Арифи со Стефано Санино

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Теута Арифи се сретна со Стефано Санино, генерален директор на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија.

За времена средбата се разговараше за статусот за реализација на активностите предвидени со Оперативниот патоказ во рамки на областите опфатени со Пристапниот дијалог на високо ниво.

Поконкретно, вицепремиерот Арифи информираше за напредокот во однос на слободата на изразување и медиумите каде што се постигна договор за декриминализација на клеветата и навредата,за Извештајот за имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, за активностите во однос на измената на изборното законодавство согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и за проверка на Избирачкиот список, како и за другите области од Пристапниот дијалог.

Вицепремиерот Арифи истакна дека државните институции и понатаму ќе работат на исполнување на обврските од Оперативниот патоказ со цел да се направи поголем напредок до одржувањето на третиот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво, кој се очекува да се одржи на 17 септември 2012 година.   

Директорот Санино нагласи дека веќе се забележуваат одредени конкретни резултати од работата на Владата во однос на реализацијата на Пристапниот дијалог и тоа придонесува за подобрување на релациите меѓу Македонија и ЕУ. Тој исто така истакна дека и во наредниот период ќе треба да се продолжи со истата посветеност со цел да се задржи динамиката на реализација на активностите. 

Санино уште еднаш потврди дека Европската комисија ќе продолжи  да ги поддржува напорите на државата за интеграција во ЕУ.