Ѓорѓиев: Почнува концесионирањето во здравството

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Здравството и овозможувањето на поголема достапност на здравствена нега, грижа и помош, се наоѓаат во фокусот на политиките на Владата, за што конкретен доказ се исполнетите ветувања за обезбедување на најсовремена медицинска опрема и апарати, најсовремени лаборатории, поевтинувањето на лековите, реконструкцијата на болниците и останатите над 150 проекти кои се преземени во овој сектор.

Сакаме да информираме дека започнува концесионирањето во здравството, односно процесот на имплементација на една од мерките од реформата со која се воспостави здравствена мрежа, и се остварува напредок во процесот на нејзино квалитативно пополнување. Со концесионирањето се задоволуваат потребите на населението, се дава нов квалитет во вршењето на дејноста, и се воспоставуваат еднакви критериуми за конкурентност меѓу јавното и приватно здравство, а се со цел подобро здравство за граѓаните.

Владата, врз основа на Законот за здравствена заштита и Уредбата за донесена здравствена мрежа, донесе одлука и ќе отпочне постапка за доделување три концесии во здравството, и тоа:

 1. За вршење здравствени услуги од областа на хирургија на секундарно ниво во Вардарскиот регион.

Во Вардарскиот регион спаѓаат Велес, Градско, Чашка, Кавадарци, Росоман, Неготино и Демир Капија. Вкупно има 133 106 жители. Во моментов има 8 тимови за хирургија на секундарно ниво со договор со ФЗО, од кои еден приватен во Неготино, а другите се во јавно здравство.

2. За вршење здравствени услуги од областа на неврологија на секундарно ниво во Пелагонискиот регион.

Во Пелагонискиот регион спаѓаат Битола, Могила, Новаци, Демир Хисар, Крушево, Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Ресен. Вкупно има 92 432 жители. Во моментов има 5 тима за неврологија со договор со ФЗО, сите во јавно здравство.

3. За вршење здравствени услуги од областа на офталмолошката хирургија на ниво на Република Македонија.

На ниво на РМ има 13 установи кои имаат договор со ФЗО за офталмолошка хирургија, од кои две во приватно здравство, а останатите во јавно здравство. На терциерно ниво е само Клиниката за офталмологија, а сите други се на секундарно ниво.

Повод за почнување постапка за доделување на овие три концесии е заради тоа што длабоките анализи и изработената методологија покажуваат дека постојните здравствени установи од дејностите што се предмет на концесија, не ги задоволуваат потребите на населението на подрачјето за кое се доделува концесијата. Или пак тие се недоволни согласно утврдениот број на здравствени установи во Уредбата за оваа област на здравствена дејност.

Постапката за концесија ќе започне најдоцна до првата декада на август, а не исклучуваме тоа да се случи и порано. Постапката ќе се спроведе со отворен повик, согласно Законот за здравствена заштита. Владата ќе ги утврди поблиску сите критериуми и детали на процесот.

Генерално,

Доделување концесија ќе се спроведе во рок од 120 дена од денот на објавувањето на јавниот повик.

Постапката за доделување концесија ќе ја спроведе посебно формирана комисија од МЗ (претседател, заменик претседател и најмалку три члена и нивни заменици), од редот на вработените во МЗ и по потреба експерти од соодветната област за која се дава концесијата. Комисијата јавно ги отвора понудите во присуство на овластени претставници на понудувачите. Минималниот број на способни понудувачи треба да биде најмалку еден.

Концесијата ќе се додели на најповолниот понудувач, кој ќе ги исполни условите и ќе понуди финансиски најповолна понуда (највисок месечен износ за надомест за концесијата), или економски најповолна понуда (изведбените и функционалните барања кои вклучуваат квалитет, цена на работите и услугите, тековни трошоци, економска исплатливост во однос на трошоците.)

Најповолниот понудувач на кој ќе му се додели концесијата ќе склучи Договор за концесија, врз основа на кој ќе склучи и Договор со Фондот за здравствено осигурување, сметано од 1 јануари 2013 година.

Концесијата ќе се додели за период од 10 години (на здравствена установа или на физичко лице - здравствен работник со соодветна лиценца за работа), при што рокот почнува да тече од датумот на потпишување на Договорот.

Почитувани,

Ова е уште едно исполнето ветување, и значајно придвижување во процесот на подигнување на конкурентноста и кредибилитетот на здравството, кое гледано во светло и на другите проекти има за цел да достигне високи стандарди за најголема грижа за пациентите. Ги повикуваме заинтересираните субјекти кои имаат намера да учествуваат во процесот, да почнат со подготовки кои би значеле конкуренција за концесиите. Со тоа се создава можност за остварување на профит што е битно за сопствениците, за нови вработувања што е битно за медицинските лица, и за поголем степен на задоволување на интересите за пациентите. Ова е систем со повеќестрана корист.

Владата и во идниот период ќе продолжи со посветена работа и со големо внимание во овој ресор, се со цел обезбедување поголем квалитет во здравствената заштита.