Продолжува проектот за вклучување на децата Роми во детските градинки

Во 18 македонски општини продолжува реализацијата на проектот „Инклузија  на деца Роми во јавните предучилишни установи“ што континуирано се спроведува во изминатите шест години, а чија целна група се деца Роми на возраст од 3,8 до 5,7 години.

Главна цел на проектот, што се реализира со средства на Министерството за труд и социјална политика,  Ромскиот едукативен фонд и единиците на локалната самоуправа, е подобрување и поддршка на интеграцијата на децата Роми во јавните детски градинки.

- Во изминатите пет години преку 1.700 деца Роми се вклучени во детските градинки. Од нив над 84 проценти го продолжуваат основното образование што за нас претставува основен мотив да продолжиме и понатаму со имплементација на овој проект и во учебната 2012/13 година, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на денешната прес-конференција.

Владата, додаде, ќе продолжи континуирано да ги спроведува политиките во насока на подобра едукација и подобро вклучување на децата Роми како една од најчувствителните категории деца во Република Македонија заради нивен правилен развој и вклучување во целокупниот образовен систем.

- Продолжуваат поддршките за нивното основно образование, стипендиите за средно образование, како и проектот условени парични трансфери во кој приматели на поддршка се социјални  семејства чии деца редовно посетуваат средно образование. На наше огромно задоволство 13 до 14 проценти од корисниците на условените парични трансфери се деца од ромските семејства, рече Ристовски.

Верувам, нагласи, дека на овој начин ќе го подобриме квалитетот на образованието на децата Роми, а со тоа и квалитетот на нивното вклучување во општествените сфери.

- Само со помош од најмали нозе можеме да постигнеме зголемен квалитет на интеграција  на целокупната ромска заедница. Јасна потврда за поддршката  и правилната политика на Владата во однос на интеграција на децата Роми добивме и од Ромскиот едукативен фонд кој и понатаму продолжува да биде финансиски поддржувач на овој проект што се третира како еден од најуспешните проекти во реализација и имплементација на Декадата на Ромите, потенцира Ристовски. 

Министерот без ресор Неждет Мустафа истакна дека ромските проблеми се децениски и крупни и оти не се лесно решливи.

- Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република Македонија од година до година се приближуваат  кон решавање на крупните ромски проблеми кои со години се отворени. Со своите амбиции, практики и стратегии кои ги користи за нивно постапно решавање сметам дека Владата ќе придонесе за олеснување на долгогодишните ромски проблеми, рече Мустафа.

Ромите, нагласи, живеат во тешки субстандардни услови. Упати апел јавните претпријатија континуирано да ги снабдуваат ромските населби со вода за пиење во услови на зголемени надворешни температури, особено во Шуто Оризари. 

Во Република Македонија згрижувањето и воспитанието на децата од предучилишна возраст се остварува во  вкупно 54 јавни установи за деца - детски градинки распоредени во 43 општини во 176 објекти. Покрај тоа, во десет села, односно населени места и во две општини  функционираат групи за згрижување деца во други просторни услови.
  
Анализата на состојбата на мрежата на детските градинки покажа дека се опфатени околу 16 отсто од генерациите од 0 до 6 годишна возраст или околу 25.600  деца.