Груевски: Владата дава помош за нови вработувања

Агенцијата за вработување ќе дава помош во вид на мек кредит од 3.000 евра со симболична камата за малите претпријатија за секое нововработено лице.

Ова денеска го истакна премиерот Никола Груевски по пуштањето во употреба на новиот спортски центар во општина Аеродром, нагласувајќи дека станува збор за една од мерките кои Владата неодамна ги објави и веќе е во фаза на операционализација.

- Ако вработи десет лица ќе добие 30.000 евра кредит, што за мали микропретпријатија е сериозна сума. Наша задача е да ги помагаме сите и да смислуваме програми и поддршки за сите видови компании, односно за големите, средните и малите. Ова ќе помогне на многу мали компании кои се многу на број. Тоа се фирми кои најчесто обезбедуваат самовработување, вработување на потесно семејство или евентуално уште неколку вработувања, изјави Груевски.

Има држави каде, потенцираше, грото од економијата се базира на вакви мали микропретпријатија, а по тоа попозната е Италија.

Во различни системи, посочи Груевски, различно просперираат овие микропретпријатија, а во Македонија, Владата сака да им даде поддршка, затоа што, потенцираше, секое вработување е значајно.

- Некој ќе рече што е тоа пет вработувања, но нека проба некој да вработи пет луѓе и да им дава плата секој месец па ќе види што значи пет плати секој први во месецот да ги обезбеди. Нашата заложба е со 100-те милиони евра што ги даваме од кредитот од Европската инвестициска банка по пет и пол отсто субвенционирана камата за средните и големите претпријатија, но ова е за малите и микропретпријатија. Имаме 11 милиони за земјоделскиот сектор, така што имаме различни начини на помагање, различни видови фирми и компании кои можат да просперираат и да отворат нови работни места, додаде Груевски во изјава за медиумите.