Груевски: Коалицијата СДСМ-ДПА е договор на база на интриги и личен интерес

Премиерот Никола Груевски смета дека СДСМ не е партија која држи до зборот и коалициите што ги прават лесно може да ги растурат, бидејќи, како што рече, станува збор за договор на база на интриги и личен интерес.

По пуштањето во употреба на новиот спортски центар во општина Аеродром, Груевски изјави дека коалицијата меѓу ДПА и СДСМ била очекувана и оти очигледно одат кон стратегија со секој и сешто да се договараат.

- Тие не се партија која знае да држи до зборот, така што денеска може да направат коалиција, а утре да ја растурат. Ниту тоа нема да ме изненади, затоа што станува збор за едно договарање на база на интриги, подметнувања и подлажувања едни со други и се работи за непринципиелни коалиции. Неодамна имавме можност да видиме таква коалиција меѓу Црвенковски и Георгиевски, еве сега меѓу Црвенковски и Тачи, луѓе кои само заради личен интерес и што побрзо доаѓање на власт се обидуваат да скрпат некаква коалиција на какви било основи, рече премиерот во изјава за медиумите.

Груевски потенцираше дека кога една коалиција нема темели и здраво разбирање и договор во смисла на отвореност и искреност во разговорите, тоа се најчесто и нестабилни коалиции, но, како што нагласи, времето ќе покаже дали тоа ќе биде така.