Груевски: Раздвижувањето во делот на инвестициите резултат на работата на Владата

Прерано е да се каже како годинава ќе заврши во однос на инвестициите, но очигледно е дека имаме едно раздвижување кое е главно резулат на работата на Владата, на роуд-шоуата, на поединечните преоѓања од страна на нашите министри кон странски компании и странски инвеститори, констатира денеска премиерот Никола Груевски.

Според него, очигледно е дека и во услови на тешка рецесија во Европа и тешка должничка криза се прават максимум напори да се привлечат компаниите и инвеститорите да дојдат во Македонија, да ги видат условите и да истражуваат за правење бизнис.

Тој потсети дека неодамна почна градба на фабрика во Битола каде ќе се вработат 2.500 лица, германската компанија позната во светот „Кронберг и Шуберт“. Вчера е потпишан договор за изградба на друга фабрика во Кавадарци, исто така, германска компанија која ќе вработи 4.000 луѓе, со инвестиција од 35 милиони евра. Вчера стартуваше и една монументална градба во општина Аеродром, на четири висококатници или според зборовите на инвеститорот ќе чини  околу 300 милиони евра, крупна инвестиција за Македонија или најкрупна во делот на градежните работи.

Груевски најави дека оваа недела очекува почеток на градба на фабриката за производство на автобуси, „Ванхол“ од Белгија, кои на почеток ќе извезуваат за САД, а подоцна на сите пазари низ светот.

- Во најава се и други инвеститори. Се додега тие не објават и не дадат дозвола за објавување или додека не донесат одлуки во нивните компании, ние го почитуваме етичкото правило во бизнисот да не се објавува ништо од наша страна. Во интензивни разговори сме со поголем број други компании, рече Груевски и изрази надеж дека дел од нив ќе донесат одлука да инвестираат во Македонија.

Премиерот потенцира дека и во овие исклучително тешки мигови за македонската, односно за европската економија, македонската Влада дава максимум да ги придвижат работите.

- Ние сме свесни дека ако седиме со скрстени раце во земјата и чекаме сами да дојадт инвеститорите тоа тешко ќе се случи. Затоа, освен што ги праќаме нашите министри за инвестиции, освен што ги праќаме нашите промотори и другите министри во Владата и другите институции, се трудиме и ние, и јас како премиер и потпретседателите на Владата директно да одиме да разговараме со нив, да ги убедуваме, да дојдат, да инвестираат во Македонија, да вработат луѓе, да отпочнат бизнис, што секако, од сите аспекти, ќе и помогне на Македонија, истакна Груевски.