Николоски: Го пуштивме во употреба реконструираниот магистрален пат Охрид- Св. Наум, еден од најзначајните правци за развој на туризмот

Навистина ми е драго што сме покрај Зaливот на Коските, најпосетуваниот Mузеј во Македонија кој што од денеска е достапен по еден реконструиран пат. Особено ми е драго што овој пат се реализира, овој пат е витален за целото крајбрежје и за целиот туризам. Она што ми е особено драго е тоа што се направи модерен пат и по кој побрзо преку целата година ќе можат да стигнуваат и луѓето кои што живеат и на овој дел од езерото, а исто така и туристите полесно да комуницираат. Овој пат не беше реконструиран и не беше чепнат на одредени делници од годините кога прв пат бил правен, кога во поранешната држава генералот Карангелески го пробивал, па се до реконструкцијата не бил чепнат овој пат. Еве сега е завршен и реконструиран и ќе помогне на туристите и на жителите полесно да комуницираат. 
 
Пред нас имаме уште големи проекти. Оваа Влада е само 11 месеци, Влада која се соочи со огромни проблеми, 7 години имаше пустош во Македонија, инфраструктурните проекти беа целосно застанати, како што беше и овој проект. Имаше бројни проблеми, дали на реализација на проектот или во лошо проектирање, кога влеговме ги решивме и се завршија.
 
Би сакал лично да се заблагодарам на Премиерот бидејќи без негова поддршка овие проекти и невозможно е да се реализираат. Ние имаме една силна активност, на една дневна основа се координираме како што се координиравме и денеска кога доаѓавме наваму. Тој лично ги следи проектите и затоа имаме успех.
 
Претседателе благодарам.
 
Благодарност и на сите кои се ангажираа и се ангажираат и за многу брзо време се гледаме за поголеми проекти и поубави работи. Нека е со среќа, многу туристи и многу убави фотографии од ова прекрасно место кај што сме”- се обрати вицепремиерот Александар Николоски