Влада: Работното време од 8:30 до 16:30 часот, температурите во зелена фаза

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,
    
Согласно добиените информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, од вчера температурите на територија на Република Македонија се во рамките на зелената фаза, фаза која се очекува да продолжи и во следните неколку денови. Според УХМР, оваа фаза и температурите кои се прогнозираат се карактеристични за овој период од годината.

Врз основа на овие информации, и препораките на УХМР и здравствените институции, Владата одлучи да прекине важноста на воведените мерки за заштита од топлотниот бран. Владата одлучи, од утре, четврток, 19.07.2012 година работното време на државните органи, установи и институции да се организира во законскиот рок и времетраење од 8:30 до 16:30 часот.

Согласно информациите и препораките на УХМР и здравствените институции, Владата одлучи да прекине со важност и мерката за забрана на вршење работи на отворено, која претходно важеше во периодот од 11 до 17 часот. Согласно истите препораки, се укинуваат и останатите мерки од Акцискиот план за заштита од топлотен бран со исклучок на следново:

1. Во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено после 11 часот.

2. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на Република Македонија и Центрите за социјални работи продолжуваат со обврската поактивен пристап во насока на пружање помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници.

Потсетуваме дека населението во целиот летен период потребно е да ги почитува следните општи мерки за заштита на здравјето како што се:
 
1. Во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори  под сенка.
 
2. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
 
3. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
 
4. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење,  а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
 
5. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
 
6. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
 
Владата и надлежните институции продолжуваат со внимателно следење на состојбите и движењата, и доколку се појави потреба веднаш ќе бидат преземени дополнителни мерки врз основа на препораките на надлежните институции.