Законски измени за полесно вработување на странци во Македонија

Странците во Македонија да можат да добијат работна дозвола во Агенцијата за вработување, а не како досега барања да поднесуваат во дипломатско конзуларните претставништва на земјава во странство, предвидуваат измените на Законот за вработување и работа на странци што ги презентираше денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

- Во насока на олеснување на постапката за добивање дозвола за вработување или работа на странец за домашна или странска компанија која има филијала или друга организациска деловна единица преку која е присутна на пазарот во Република Македонија издавањето работна дозвола сега се става на самиот работодавач на кој му се дава можност барањето за добивање дозвола да го поднесе во Агенцијата за вработување и да го подигне оттаму, рече министерот Ристовски.

Со оваа измена се намалува периодот на чекање  на странскиот инвеститор да ги добие работните дозволи за странците кои сака да ги ангажира во својата компанија.

- Досега доколку тој сакаже да ангажира странски консултант или да донесе странец да работи во Македонија мораше да аплицира преку соодветното ДКП во неговата земја, а доколку таму немаше македонско претставништво тој бил принуден да оди во најблиската земја каде го има, рече министерот за труд и социјална политика.

Тој појасни дека измените биле иницирани пред се од странските компании кои имаат инвестирано во земјава, а се пожалиле дека честопати се среќаваат со административни пречки во случаите кога треба да ангажираат странци.

- Имаше иницијативи за добивање работна дозвола во периодот на нивното пристигнување во рамки на државата поради спецификите на работните обврски кои ги имаат во рамки на компаниите присутни на пазарот во Македонија. Измените се поврзани и со имплементација на Стратегијата за брз економски развој  во која влезот на странски инвестиции е поставен како врвен приоритет на Владата, рече министерот за труд и социјална политика.

Тој не исклучи и нови дополнителни измени во иднина, но, како што рече, само доколку позитивно влијаат на влезот на странски инвестиции во земјава и ако се во согласност со директивите на ЕУ.   

Според податоците со кои располага Министерството, во периодот од јануари до јуни, за работна дозвола во Македонија аплицирале 1.000 лица. Од нив 978 биле одобрени, 33 одбиени и 12 биле повлечени од работодавачот или странецот. Од 978-те одобрени барања, 515 се барања за дозволи за вработување во компанија, 341 се за самостоен ангажман и 122 се дозволи за работа.