Минчев: „Јавната администрација мора да биде двигател на промените, не товар на државата“

По повод една година од формирањето на Министерството за јавна администрација, министерот Горан Минчев денеска презентираше преглед на клучните резултати и реформски потези што, како што потенцираше „ја поставија основата на новата култура на управување во јавниот сектор“.
 
Министерот Минчев истакна дека преку политичка волја, транспарентност и вложување во човечкиот капитал, Министерството спровело системски промени насочени кон департизација, професионализација и дигитализација на администрацијата. Овие чекори, како што нагласи, претставуваат почеток на една нова ера во која јавната администрација која станува вистински сервис на граѓаните, а не привилегија за поединци
 
-Формирањето на Министерството за јавна администрација не беше бирократски потег. Тоа беше политичка порака. Порака дека веќе нема место за партиски вработувања, за нефункционални институции, за тајни договори и за неучење, изјави Минчев, нагласувајќи дека јавната администрација повеќе не смее да биде „заштитена зона за привилегирани поединци“, туку сервис на граѓаните.
Од клучните преземени мерки тој ги издвои корекцијата на Балансерот, односно методологијата за пресметка на етничката застапеност во јавниот сектор.
 
-Пресметката ја усогласивме согласно тогашниот актуелен Закон, врз база на реалната резидентна популација, а не по дотогашната пресметка на нерезидентно население, објасни Минчев.
 
Ги посочи и јавните дебати со институции и граѓанскиот сектор во рамки на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“, односно четири јавни дебати, вклучувајќи и завршна сесија во матичната собраниска комисија.
Министерот најави дека законските решенија кои произлегле од јавните консултации се веќе во завршна фаза во Собранието.
-Ги поставивме темелите на таа нова култура. Македонија е решена да стане модерна, европска држава и тоа не може да се постигне со стари навики, туку со нова култура на управување, заклучи Минчев.
 
Новите закони за јавната администрација во Република Македонија, како што образложи Минчев, носат значајни реформи насочени кон департизација, професионализација и дигитализација на јавниот сектор.
 
Законот за вработените во јавниот сектор воспоставува транспарентен и фер систем за вработување базиран на заслуги, централизирани и дигитализирани огласи, ограничување на дискреционите овластувања, како и посебен третман за ИТ кадарот.
 
Законот за административните службеници го зајакнува системот на вработување преку електронски тестирања и практични проверки, овозможува хибриден модел на работа, менторство и континуиран развој, и обезбедува јасни критериуми за унапредување и дисциплинска одговорност.
 
Законот за стручно усовршување, пак, првпат воведува задолжително и континуирано учење за административците преку новоформирана Академија за администрација, со вклучување на искусни обучувачи, високи стандарди за новите вработени и отворена соработка со академски и меѓународни институции. 
 
Тој информираше дека во изминатите 12 месеци, Министерството за јавна администрација спровело 12 клучни чекори кои ја поставуваат основата за длабинска и одржлива реформа на јавниот сектор.
Како што рече, се започнало со политичка волја и отворен дијалог на највисоко ниво, продолжи со вложување во човечкиот капитал преку над 100 обуки и воведување на е-платформа за учење, како и подготовка на закон за независна Академија за стручно усовршување. Се проширила меѓународната соработка со земји од регионот, се усвоила Политика за интегритет, и се модернизирал системот за управување со човечки ресурси (ИСУЧР), што овозможи прецизна контрола и отчетност во јавниот сектор.
 
-Дополнително, беше усвоена нова стратегија за реформа на администрацијата, се зајакна партнерството за отворена власт и се воведоа дигитални алатки за транспарентност и учество на граѓаните. Проценката на влијанието на регулативата стана задолжителна, а родовата еднаквост и социјалната инклузија беа интегрирани во креирањето политики.

Конечно, Македонија стана активен член во европската мрежа за квалитет преку имплементација на CAF моделот. Овие чекори претставуваат системска трансформација насочена кон департизација, професионализација и европеизација на јавната администрација, рече министерот.
 
Дополни дека во изминатиот период било основано Националното координативно тело за управување со квалитет, кое ја предводи имплементацијата на CAF моделот во јавните институции. Овој европски систем за самоевалуација, како што информираше, веќе е применет во неколку институции, меѓу кои Општина Ѓорче Петров, Секретаријатот за законодавство и Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации. Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) веќе доби меѓународен CAF сертификат, а Ѓорче Петров е во процес на сертификација.
 
-Дополнително, беа наградени институции кои покажаа највисоки стандарди во управувањето со квалитет – Централниот регистар како прворангиран, АВРМ како второ и ФИНКИ како треторангиран. Овие признанија не се само симболични, туку се доказ дека реформите се реални и дека доброто управување носи доверба и резултати. Преку CAF, институциите не само што зборуваат за квалитет – тие го мерат, го применуваат и го наградуваат, рече министерот.