Денес испишуваме уште една важна страница во современата економска приказна на државата.
Со особено задоволство ја објавувам новата инвестиција на Gentherm – глобален лидер во автомобилската индустрија, кој покрај веќе постоечката во Прилеп започнува со својот план за процесот на проширување на своето производство токму овде.
Gentherm со овој нов инвестициски циклус се потврдува она што сите го чувствуваме – дека Македонија станува сигурна дестинација за долгорочни, стратешки и технолошки напредни инвестиции.
Инвестицијата согласно деловниот план на компанијата ќе изнесува повеќе од 30 милиони евра со 300 нови вработувања и станува збор за високоинтегрирани системи за автомобилската индустрија – со нова технолошка опрема, автоматизирани линии и современо производство. Ова значително ќе го зголеми извозот и ова е високо технолошко производство кое докажува дека сме конкурентни и на тој пазар.
Со тоа, Македонија ќе стане регионален хаб на Gentherm за Европа.
Во овој момент сакам јавно да изразам искрена благодарност до директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, за неговата посветеност, координација и силна поддршка во целиот инвестициски процес
Исто така сакам да се заблагодарам на министерот за надворешни работи и надворешна трговија за неговата заложба и несебичен придонес за оваа инвестиција да се реализира.
Ова не е само уште една инвестиција.
Ова е двигател на нашата економија.
Со вакви проекти расте индустриското производство, се отвораат нови работни места, се зголемува извозот, а со тоа – расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење, умеење и труд.
Резултатите се веќе забележителни и веќе се гледаат.
Минатата година ја завршивме со рекордно највисоко ниво на странски директни инвестиции – над 1 милијарда и 255 милиони евра. Никогаш досега во историјата немало ваков прилив на капитал.
Во првите месеци од годината расте индустриското производство, а во мај месец постигнавме историски највисоко ниво последната деценија од 9,4% раст на индустриското производство и тоа не се само зборови, тоа се реални бројки, резултат на довербата што инвеститорите ја имаат во овој нов политични амбиент.
Свесен сум дека ќе треба уште еден извесен период ова да се почувствува и во реалната економска моќ на граѓаните но правиме се тоа да биде што побрзо и тој период да биде што пократок.
И тука морам да подвлечам – ова е суштинска разлика од минатото.
Во време кога владите трошеа енергија на корупција, на непотизам и на лажни ветувања, ние градиме реално, отвораме фабрики, носиме инвеститори, креираме иднина.
Се бориме за секој инвеститор – домашен и странски. За секоја нова хала, секое ново работно место, секој денар инвестиран овде.
Затоа што знаеме – економијата не се води со пароли, туку со проекти, со партнерства и со сигурни инвестиции.
Ние продолжуваме храбро, посветено, со работа.
Ги поставуваме темелите на нов економски модел – модел во кој инвестициите се движечка сила, а македонскиот граѓанин – срцето на развојот.
Gentherm е уште еден доказ дека доаѓа времето на Македонија.
Доказ дека ги градиме темелите на промените – за вашето време кое доаѓа.