Груевски: Во целост исплатени субвенциите за 2011 година, вкупно 375 милиони евра за пет години

Почитувани,                   

Денес сакам да соопштам дека во екот на најголемата должничка криза Владата на земјоделците за само 30 дена, од 15 јуни до 15 јули, им исплати 63 милиони евра. Предвреме на сметките на 27 илјади тутунари исплативме скоро 20 милиони евра. Тоа е просекот кој го исплаќаме секоја година, за разлика од порано, кога за оваа гранка немаше никаква поддршка.

За илустрација на средствата кои Владата преку субвенции ги вложи и вложува во земјоделието, ќе кажам дека во периодот од 2006 до 2012 година издвоивме 500 милиони евра за субвенционирање на земјоделството и руралниот развој. Нашите политички конкурентни издвојуваа за целиот свој мандат само 5 милиони евра. Тоа е 100 пати помалку од она што ние го даваме, а како што кажав само последните два месеци на сметките на земјоделците беа исплатени преку 63 милиони евра субвенции, или тоа е 12,5 пати повеќе средства за 30 дена отколку што некои даваа за една деценија.

Тие се селанско-земјоделска Влада, со црковно-конзервативна провиниенција, велеа нашите политички противници за нас, ословувајќи не и на тој начин мислејќи дека не навредуваат, а во суштина не беа свесни дека на тој начин ни го даваат најголемиот комплимент, кој ние со чест и образ го прифативме и вреднуваме.

Кога го добивме мандатот од народот за да ги водиме процесите, во нашата програма стоеше дека силен фокус ќе дадеме на земјоделството. Останавме доследни на зборот кој го дадовме на земјоделците. Првата мерка со која настапивме беше токму воведување на повисоки субвенции од тогаш високи 20 милиони евра, за разлика од дотогаш ниските од 5 милиони евра дадени само во една година од владеењето на другите гарнитури. Секоја година го зголемувавме тој износ, 25 милиони во 2007, 45 милиони во 2008, 70 милиони во 2009, 100 милиони во 2010, 115 милиони за последната година. Денес можеме да објавиме дека ветените 115 милиони евра субвенции за 2011 година се целосно исплатени на сметките на 171.000 корисници. Тоа е добра помош за аграрот, тоа е добра помош за земјоделците, и тоа е инвестирање во народот, за народот и за Република Македонија. Субвенциите се за различен број на земјоделски производи, ставени во програма, точно определени, тие се реални, мерливи и видливи. Со субвенциите се дава придонес во мотивацијата на земјоделците за зголемување на своето производство, за мотивација да стопанисуваат, да влегуваат во инвестиции, да го прошируваат обемот на обработена земја, едноставно да ги задоволат своите потреби и интереси. Нашето настојување за поддршка и развој на земјоделството како една од носечките стопански гранки, се гледа и по заложбата во никој случај да не отстапиме, да ја одложиме или намалиме исплатата на субвенции, особено во услови на најголемата должничка европска криза, кога голем број земји од Европа и од светот драстично ги кратат мерките за помош на стопанството, вклучително и на аграрот.

Македонскиот аграр има потенцијал, а има и вредни упорни земјоделци кои со поткрепа на владините мерки се прилагодуваат на европските и светските трендови.

Оваа Влада ги разбира потешкотиите со кои се соочуваат земјоделците како резултат на претходно спроведената јалова приватизација на носечките капацитети во овој сектор. Го разбираме и напорот на земјоделците за подобрување на конкурентноста и пласманот на произведеното на домашниот и пребирливите странски пазари. Разбирањето значи и помош, континуирана поддршка која ние сме подготвени да им ја дадеме на земјоделците.

Постојано ги следиме состојбите во земјоделието. Активно сме вклучени во привлекувањето инвеститори за откуп и преработка на  земјоделските производи. Обезбедивме пристап до средствата од инструментот за претпристапна помош на ЕУ од оваа сфера – ИПАРД. Обезбедивме најповолни каматни стапки преку кредитните линии кои ги нуди Македонската банка за поддршка на развојот, со каматна стапка од само 3%. Кофинансираме набавка на земјоделска механизација, трактори, комбајни, приколки... и на земјоделска опрема, системи капка по капка, прскалки, косилки...во висина од 50% од вкупната цена на механизацијата или опремата. Досега имаме распределено над 40 000 хектари обработливо земјоделско земјиште, а имаме конкретен план како да распределиме уште дополнителни 20 000 хектари. Редовно ги чистиме земјоделските канали за наводнување и одводнување, а само оваа година ќе исчистиме 70 километри канали, и дополнително спроведуваме уште над 150 мерки и активности за поддршка на земјоделството.

Во идниот период покрај елементот на поддршка на производството во земјоделството преку субвенциите, силно и посветено ќе продолжиме и со развивање на елементот на обезбедување на пласман на земјоделските производи, за што веќе е обезбеден првиот откупно-дистрибутивен центар на Агрокор. Ќе продолжиме со напорите за промоција на македонските земјоделски производи на странските пазари, на поддршка при извозот на истите и на обезбедување на нови простори каде ќе може да се пласира нашиот производ.

Владата е сериозен, сигурен и докажан партнер на земјоделците. Тоа ќе продолжиме да бидеме и во иднина. Во периодот од следните 3 години, за периодот од 2013 до 2015 година предвидено е да се исплатат дополнителни 425 милиони евра за субвенции, со што ќе се отворат нови можности за земјоделците, за оние кои и сега стопанисуваат, но и за многу други луѓе кои со нашата поддршка можат да најдат сигурен извор на приходи занимавајќи се со оваа дејност. Или вкупно во периодот од 2006 до 2015 година ќе бидат исплатени приближно 950 милиони евра.

Тоа е еден сериозен план, еден заокружен и проектиран циклус и процес, кој ќе донесе нов квалитет, и нови можности и за граѓаните и за бизнисот и општо за Република Македонија.

На овој начин освен што вложуваме во оваа битна стопанска гранка, вложуваме и во достоинствен и попросперитетен живот на нашите производители на храна -земјоделците.

Владата секогаш ќе продолжи со големо внимание, со сериозен и посветен, и пред се партнерски однос со земјоделците. Тие секогаш ќе ја имаат нашата поддршка, затоа што тоа со својот труд и со својот ангажман го имаат заслужено.

Благодарам.