Заменик на претседателот на Владата Арбен Фетаи оствари разговор со дипломатот Питер Фејт

Заменик на претседателот на Владата задолжен за добро владеење, г. Арбен Фетаи, оствари пријателски и содржаен разговор преку видео врска со дипломатот г. Питер Фејт, поранешен шеф на преговарачкиот тим кој го поддржа процесот на Охридскиот рамковен договор.
За време на разговорот, вицепремиерот го информираше г. Фејт за усвојувањето на Предлог-законот за правична и соодветна застапеност од страна на Владата, со што овој важен принцип од Охридскиот рамковен договор за првпат се регулира со закон.
Г. Фејт го поздрави усвојувањето на Законот за правична и соодветна застапеност и изрази големо задоволство за овој историски чекор. Тој ја истакна важноста на зачувувањето и зајакнувањето на духот на Охридскиот рамковен договор и продолжувањето на патот кон целосна интеграција во Европската Унија.
Во разговорот се дискутираше и за понатамошниот напредок на процесот на децентрализација, како уште еден значаен столб  на Договорот, како и за чекорите кои Владата ги презема во таа насока, особено со финансирањето на бројни проекти на локалната самоуправа.
На крајот од разговорот, г. Фејт, со искрени емоции, истакна дека „неговото срце секогаш е со Северна Македонија“. Потпретседателот Фетаи потенцираше дека тој секогаш ќе биде добредојден тука, за неговиот придонес кон мирот, соживотот и еднаквоста.