Министерството за култура отвори сувенирница во центарот на Берово

Во центарот на Берово од денеска има сувенирница, која ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, како дел од проектот на Владата за 20 унифицирани културни пунктови за продажба на сувенири, автентични за нашето поднебје.

- Општина Берово овозможи да добиеме во најкус временски рок одобрение и локација во центарот на градот за поставување на овој објект, кој ќе биде од особено значаење за културниот туризам на беровскиот крај, бидејќи градот и околината имаат значајно културно и историско наследство. Овој објект ќе придонесе за привелкување туристи и можност тие да понесат вреден артефакт од нашето културно наследство и да се сеќаваат на беровскиот крај, истакна  министерката Канческа-Милевска.

Сувенирницата во Берово е деветта по ред и по добивањето одобренија од градоначалниците  за  поставување на монтажните објекти, ќе бидат отворени и останатите планирани 11 во исто толку градови во Македонија.

Со објектот ќе стопанисува Заводот и музеј Штип и во него покрај  промотивниот матерајал за беровскиот крај, може да се набават и сувенири какви што има во европските метрополи.

Според градоначалникот Драги Наџиски, Владата на Република Македонија преку Министерството за култура потврдува дека Берово не е заборавено и дека го има предвид во активностите за развој на туризмот.

- Оваа сувенирница ќе помогне за развојот на туризмот како стопанска гранка во општина Берово, од која ние очекуваме многу, рече Наџиски.