Министерот Дурмиши ја презентираше Програмата „Општинско-корисна работа“: Социјални услуги за граѓаните, стабилна работа за 300 лица

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ја презентираше новата мерка од Оперативниот план за 2025 година – Програмата Општинско-корисна работа, со која се предвидува ангажман на 300 невработени лица за обезбедување социјални и здравствени услуги на локално ниво.

Програмата не е наменета за комунални работи, туку за директна поддршка на ранливите категории граѓани, вклучувајќи стари лица, лица со попреченост, како и деца од социјално загрозени семејства. Предвидените услуги опфаќаат дневна грижа, помош во домашни услови, поддршка за независно живеење, како и образовни и лични асистенти за деца.

Јавниот повик трае до 8 август 2025 година и е наменет за општините и Градот Скопје. Невработените кои ќе бидат вклучени ќе добиваат бруто надоместок од 28.000 денари месечно во период од 18 месеци, со тоа што првите шест месеци ќе бидат финансирани од државата, а останатите од локалната самоуправа.

Министерот Дурмиши информираше и за зголемување на буџетот за активни мерки за вработување од 16,08 милиони евра на 23,57 милиони евра, како и за зголемениот опфат на корисници – за 815 нови лица во програмите за самовработување.

Програмата „Општинско-корисна работа“ е дел од севкупниот пристап за намалување на невработеноста, во кој се вклучени и други мерки, како:

Практиканство – платена пракса до 3 месеци за млади лица со месечен надомест од 12.000 денари,

Обука кај познат работодавач – со обврска на работодавачите да вработат најмалку 50% од учесниците.

„Со оваа програма не само што отвораме врати за нови вработувања, туку градиме и посолидарно општество. Услугите што ќе ги добиваат ранливите категории се од суштинско значење за нивниот секојдневен живот, а истовремено невработените добиваат шанса за стабилен приход и професионален развој,“ изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.