Во соработка со невладината организација РРОМА - Кратово, се одржа комеморативен настан по повод Меморијалниот ден на сеќавање на ромските жртви од Холокаустот - 2 Август.

Кабинетот на министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, д-р Шабан Салиу, во соработка со невладината организација РРОМА - Кратово, денес одржа  комеморативен настан по повод Меморијалниот ден на сеќавање на ромските жртви од Холокаустот - 2 Август.

На настанот свое обраќање имаше министерот Салиу, потоа, од страна на младинскиот координатор на РРОМА,  Едис Еминоски, беше презентирана изложбата  “Ромскиот геноцид низ очите на младите” во рамки на проектот “Моето право да се сеќавам – Меморализација на ромскиот геноцид“. На крајот, следуваше презентација на м-р Мирдита Салиу, „Геноцидот врз Ромите во Втората светска војна“.

На овој ден им оддадоа длабока почит на над 500.000 Роми кои беа жртви на нацистичката идеологија. Особено се потсетија на трагичната ноќ на 2 август 1944 година, кога во логорот Аушвиц-Биркенау беа масакрирани повеќе од 4.300 Роми – мажи, жени и деца – само затоа што беа Роми.

„Денес стоиме овде со длабока тага, но и со чувство на должност — да се потсетиме, да оддадеме почит и да зборуваме јасно за еден од најмрачните периоди во човечката историја. Холокаустот не ги поштеди ни Ромите. Напротив, тие беа една од неговите први и најмалку признаени жртви.

На 15 април 2015 година, Европскиот парламент ја усвои Резолуцијата за признавање на 2 Август како Европски ден на сеќавање на ромските жртви од Холокаустот, со што конечно беше признаено страдањето и жртвата на ромскиот народ, и беше даден глас на оние кои биле замолчени со векови.

Во таа насока, сакам искрено да изразам благодарност до Владата на Република Северна Македонија за континуираната поддршка во одбележувањето на овој значаен ден. Ви благодарам што стоите зад вредностите на човечкото достоинство, правда и историска вистина.

Да не заборавиме никогаш. Да запомниме и да градиме. Заедно. Со срце, со разум и со достоинство,“- изјави министерот д-р Салиу во своето обраќање.