Јанкулоска: MВР почна со активности за откривање злоупотреби на службената положба од страна на вработени во полицијата

Подолго време добивавме информации и сознанија дека постои сомневање за злоупотреби при вршењето на службените овластувања и заради тоа почнавме една поширока активност на откривање на овие злоупотреби. Во тек се разговори со лицата вработени во МВР за кои се сомневаме дека направиле прекршување на работната дисциплина и злоупотреба на службената положба, но и со посредниците кои практично се наоѓале како еден линк меѓу лицата кои издавале лични документи и лицата кои имале потреба од документите.

Ова денеска го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Полициската станица во Гази Баба по повод кампањата за зголемување на безбедноста на возачите на мопеди и велосипеди со мотор.

Во текот на денешниот ден, посочи таа, почнавме со реализација на активностите поврзани со разоткривање на овој случај.

- Во овој момент се уште се во тек дејствијата кои се однесуваат на прибирање податоци, обезбедување предмети и доказен материјал кои евентуално би ги потврдиле овие сомневање. Веднаш кога ќе ги обезбедиме изјавите на оштетените, кога ќе ги обезбедиме материјалните докази во коодинација и соработка со надлежниот обвинител би оделе со соодветен поднесок доколку се потврди, рече Јанкулоска.

Таа потенцира дека во овој период се одвива една поинтензивна замена на личните документи заради законските обврски за нивна промена.

- Тие наместо да ги следат закажаните термини и да постапуваат по редослед на поднесените барања, за одреден надоместок кој бил во различна вредност давале приоритет при изговтвување на документи за некои лица од кои прибавувале противправна материјална имотна корист, истакна Јанкулоска.

Верувам, посочи министерката, дека во еден разумен рок за кусо време кога ќе завршат разговорите со сите овие лица би оделе со финалната бројка на евентуално осомничени лица.

- Дали некој на некого му е роднина, пријател, познаник, воопшто не е релевантно, наша должност е да гониме криминал и да постапуваме во услови кога е прекршен законот, додаде Јанкулоска.

Одговарајќи на новинарско прашања рече дека конкурсот за полициски службеници завршил во моментот кога завршил рокот за пријавување.

- Вчера заврши првата фаза со проверка на физичките и моторичките способности на кандидатите и според бројките, 1.055 кандидати ја поминале првата фаза, од кои 876 се мажи, а 179 се жени. Во овие 1.055 кандидати има припадници на сите етнички заедници. Бројката е нешто повеќе од три пати во однос на бројот на полициски службеници кои може да бидат примени со овој конкурс, истакна Јанкулоска.

Посочи дека следи втората фаза која подразбира писмено тестирање, ќе бидат опфатени психолошките тестови, општо образовниот тест и способноста за писмено изразување.

- Потоа следат наредните фази во кои доаѓа проверка на здравствената состојба, интервјуто и дури тоагаш ќе може да кажеме која е финалната селекција, додаде Јанкулоска.