Мицкоски: 8 Септември не е само симболичен датум, туку момент на историска пресвртница за нашиот народ, време кога се крена јарболот на независност

Почитувани гости,

Драги пријатели,

Мои сограѓани,

Честа е голема, поводот уште поважен- да се одбележи 34-годишнината од создавањето на нашата независна Македонија.

8 Септември не е само симболичен датум, туку момент на историска пресвртница за нашиот народ, за граѓаните, време кога се крена јарболот на независност, еден столетен, пркосен оган од многу борби, откажувања, човечки страдања, херојства, битки и порази, стана реалност.

Гласот на 8 Септември значеше заокружување на независноста, но тој е и гласот на Илинденците, гласот на Асномците, гласот на хероите од Кресна и Разловци, на преродбениците, востаниците, крикот на борците од Крушево, ракописот на Пулевски, Мисирков, борбата на Миладиновци- на сите оние кои со својот слободарски дух, својата визија и енергија за својата татковина даваа сè, а за возврат не бараа ништо.

Овој 8 Септември е повеќе од датум- тој е копнежот на сите овие грамади, но и нашиот копнеж за своја, самостојна и суверена држава, свој дом и своја валута, свои институции, своја академија, свои универзитети, литература, култура која ќе ја промовираме и штитиме пред светот, ќе ја покажеме нашата различност, но и нашата посебност. Трагата за нашето постоење, но и нашата приказна пред светот.

Да не ја заборавиме и улогата на историското ВМРО која ја имаше во создавањето на македонската држава. Најживиот период од нашето постоење го имаше организацијата која роди многу македонски синови и ќерки, кои ја обединуваа интелигенцијата и го организираа народот, создавајќи отпор против една од најсилните империи во светот во тој период. Тие букви се впишаа во колективната меморија и ВМРО беше народниот трибун, сопатник на македонскиот пркос и непокор низ вековите. Асномците пак, тие ја имаа визијата и достојно ги чуваа идеалите за кои се бореа илинденците.

И затоа предмалку реков дека 8 Септември не е само датум и никако не е случајност, туку континуитет на жедта на еден од помалите народи во Европа и последица на многу битки на тој народ. Мора да се одаде почит и на мудроста со која располагаше таа генерација политичари, македонски политичари од различни политички партии и различни етнички заедници кои учествуваа во прогласувањето на независноста.

Јас како претседател на Владата и секој нареден ја има обврската да се поклони пред оние кои зборуваа за независноста, но и оние кои ја споделуваа надежта и копнежот за своја држава, кои ги полнеа улиците и го распламтуваа огнот за Македонија во услови и време кога имаше и такви што говореа за федерации, за химни на Југославија, тогаш кога на секому му беше јасно дека таа држава се распаѓа.

Првата жртва во она лудило што е познато како југословенска војна беше војникот Сашко Гешковски-колатерална штета на туѓите војни. Но исто така мора да се признае дека во едни такви услови, со жесток ривалитет и непријателство помеѓу југословенските држави, сепак успеавме да го сочуваме мирот. Тоа е непроценлива и значајна придобивка.

Во вакви моменти треба да зборуваме директно и отворено, па сакам да потсетам на едно големо потфрлање кое како држава го имаме речиси три и половина децении постоење на независна македонска држава. А тоа е чувството на разочараност од системот. Тоа може да се забележи и во колективната слика за состојбата на една нација низ секојдневното опстојување, дури и на социјалните мрежи. Многу гнев, насобрана омраза, постојани навреди, клевети, кавги и лоши пораки.

Причините за таква разочараност кај граѓаните се пред сè поради примерите кои ги даваа политичките елити сите овие години. И во ова мое обраќање не сакам да зборувам за партиските пресметки, ниту пак целта ми е да гледам низ призмата на партиските битки, туку говорам за државничките позиции и анализи кои мора сите одговорни да ги имаат во своите политички патокази.

Тоа незадоволство од системот е пред сè поради неправедното водење на политиките, на страшно мачната транзиција, на многу силен криминал кој ја разјаде секоја силна пора во ова наше општество, на неправдите кои ги гледаа, на фактот што многумина ја водеа државата и одлучуваа за судбините на другите, а беа истовремено дел од криминалниот канцер кој ја разјадуваше државата и се смееја на лицето на правдата.

И затоа е впечатокот дека тие кои нечесно заработуваат, не одговараат и не лежат во затвор.

Ова мора да се смени, а правдата да не прави разлика кој од каде е, кој од која политичка страна доаѓа и кој колку пари има, туку дали го прекршил законот или не, дали сторил криминал или не. И оние кои мислат или се прикажуваат за заштитени од одговорност треба да знаат-сега или малку подоцна правдата е неизбежна и ќе ги стигне. Нема да има милост за оние кои го крадат народот. Едноставно е.

Сите ние мораме така да се однесуваме-неселективно, праведно спрема сите, и да создадеме пример на колективна, општествена одговорност за заедничката судбина.

Залудна е мојата лична среќа ако мојот сосед е несреќен. Залудно е ако јас сум задоволен, а сите околу нас се соочуваат со проблеми. Од нас зависи, и сега многу повеќе од било кога порано … или ќе нè биде, сега и овде или немаме шанси повеќе. А јас ви велам-ќе нè биде! Мора да не биде. За таа цел го давам секој атом од енергијата. Не дојдов до овде за да се засрамам себеси, моето семејство, а потоа вас. Не дојдов овде за да направам богатство или име. Дојдов за да оставам трага за моите сограѓани заедно да создадеме иднина за моите, за нашите деца.

Од првиот ден од кога ја имам одговорноста да ја водам Владата, до ден денес не заборавам силно и отворено да го погледнам народот, да ги стиснам дланките на многумина коишто даваат многу за државата. Тие измачени дланки се она што сме ние. Тие не хранат, тие го носат товарот од кој сите ние заеднички мора да понесеме дел. И тука мора да се однесуваме несебично и да даваме. Нашата татковина има иднина, и сите ние мораме да придонесеме. Јасно да зборуваме за работите кои се закана за нашето општество.

И во ова мое обраќање сакам да говорам за големата слика, надвор од оние дневни партиски препукувања кои само говорат за очајната состојба во која се наоѓаат одредени политички структури што не умеат да излезат од својата длабока безидејност. Не можам да бидам мирен кога се знае и е јасно дека не има сè помалку. Може ние да се расправаме за патишта, клучки, за даноци, плати и пензии. Но залудно е ако имаме сè помалку луѓе. Ако наталитетот е во рецесија. Залудно правиме патишта ако нема кој да вози по нив, да градиме училишта ако клупите се празни или да градиме игралишта ако нема детски жагор во нив. Залудни се сите наши борби и грижи ако за 70 до 100 години народот ни се преполови, игралиштата станат празни, клупите без ученици.

Ние не сме многуброен народ, а прашањето за наталитетот е прашање за нашата егзистенција и како нација и како држава.

Во Битола, во 2015 година, прво одделение започнаа 960 првачиња. Десет години подоцна, оваа 2025 година, бројот е само 651 дете. За една деценија изгубивме повеќе од 300 ученици-една цела генерација што ја нема.

Во Тетово, каде пак миграцијата од село во град е голема, во 2022 година имавме 1076 првачиња, а оваа година само 940. Рецесија од 136 првачиња за само три години. Во Охрид, во 2022 имаше 560, а во 2025-едвај 440 деца. Тоа значи дека секоја паралелка се гаси пред нашите очи.

Најдраматичен е примерот на Радовиш: во 2022 година имаше 208 првачиња, а оваа година-само 139. За три години, речиси 70 првачиња помалку.

Овие бројки не се само статистика. Тие се приказни за затворени училници, за празни игралишта, за мали градови и села што полека се празнат. Веќе стара вест е дека селата се празнат, сега полека и градовите се празнат. Мораме да ја кажеме вистината: за жал не има сè помалку, и ова е колективна одговорност. Секој треба да преземе дел од оваа одговорност.

Затоа наталитетот е врвен национален приоритет и затоа овој 8 Септември говорам многу отворено за ова. Започнавме со реформи, го зголемивме бројот на ин-витро процедури-од 3 во 6. Продолжуваме во иднина да ги поддржуваме младите семејства, да се помогне секое новородено дете, да се даде сигурност за родителите и иднина за нивните деца. Ова не е само прашање на економија, ова е прашање на опстанок. Прашање дали ќе нè има, кој да ја чува нашата историја, култура, иднина.

Затоа, денес мора да донесеме одлука: да не ја оставиме татковината да згаснува тивко, туку со сите сили да ја вратиме надежта, радоста и детската насмевка во секој дом. Но истовремено мора да внесеме и надеж. Владата ова прашање го гледа како прашање на иднината на нацијата и затоа го поставува како еден од највисоките национални приоритети.

Решени да изградиме систем кој ќе ја охрабри младата генерација да остане тука, да создаде семејство и да верува во својата иднина дома.

Тоа значи постојана работа на политики што ја зајакнуваат довербата во државата, што нудат стабилност и чувство на сигурност, што отвораат перспектива за секој млад човек дека овде може да има достоен живот.

Нашата визија е визија во која детската насмевка ќе биде најголемата вредност, земја во која родителите ќе знаат дека нивниот труд и нивната љубов се вреднувани, земја во која иднината не се гледа во иселување, туку во создавање.

Затоа Владата останува посветена да вложува во луѓето, во семејствата, во секое ново дете што ќе се роди. Тоа е суштината на нашата мисија-да обезбедиме татковината да ја има и утре, и задутре и во генерациите што доаѓаат.

Драги пријатели, ќе продолжам со еден од врвните приоритети на Владата, а тоа е борбата за животниот стандард. Свесен сум дека многу луѓе живеат многу тешко и дека едвај врзуваат крај со крај во месецот и дека животот е многу скап. И како што секогаш посочувам-не постои магично стапче за решавање на проблемите. Би сакал да има, но ја кажувам реалноста дека сами се бориме за подобар живот.

 

Работите се менуваат. Во оваа година и пол власт поправивме многу работи и ја поставивме основата и темелите за она што треба да биде поубав, подобар и побогат живот за секој еден човек. Потребни се трпение и упорност. Макроекономските показатели покажуваат дека економијата се буди и дека имаме тренд на раст. Но треба време бројките кои сега ги гледаме во статистичките извештаи, а се исклучително позитивни, врвни би рекол да вродат и со реално подобрување на животниот стандард и народот многу брзо од сега тоа се да го почувствува.

Наредната година ќе биде година на економски успеси и реално подобар животен стандард. Денес пред нас стојат големи предизвици, но и големи можности. Економијата закрепнува, нови инвестиции отвораат работни места, а стандардот на граѓаните постепено се подобрува. Тоа е патот по кој сакаме да одиме- пат на сигурност, стабилност и надеж.

Зашто само со здрава економија можеме да им понудиме на младите перспектива за побогат и достоинствен живот дома. Само со побогати семејства можеме да ја охрабриме секоја мајка и секој татко да се радуваат на нов живот. Визијата е јасна- Македонија како земја каде што секое семејство живее подобро од вчера, и каде што иднината е посветла, постабилна и побогата. Тоа е заедничката цел кон која чекориме и во која веруваме.

Драги пријатели,

Само кусо да се осврнам на една тема од секојдневието која пак има важност за покрупната слика за системот во кој опстојуваме. Тоа е прислушкувањето. Нелегалното, незаконското прислушкување и злоупотреба на системот. Се следи и прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи кои во суштина не постојат.

За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот поврзан со мене, а богами и со моето семејство. Ајде разбирам јас, ама децата?! И тука сакам да подвлечам: не е прашањето дали ќе се декласифицираат материјалите-тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние кои повикуваат на такво нешто, и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми. А да не зборувам што со тоа се разоткрива и расклинкува цел еден оперативен систем. Вистинското прашање е како да ги спречиме злоупотребите и повеќе ова да не се повтори.

Тоа ќе се случи само и само кога ќе има одговорност. А одговорност мора да има. Сите материјали од институциите и сознанија за незаконското следење се предадени на обвинителството. Ги знаеме нивните слаби капацитети и за жал ниската доверба во нив, но овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат дека оваа работа нема да се стави под тепих.

Ова е прашање на опстојување на државата. И во периодот што следи ќе се одмотува овој гордиев јазол.

Втората работа што морам да ја прокоментирам е некаков предлог за црвени линии, за прашањето со нашиот источен сосед. Со радост го чекам тој предлог да видам каков ќе биде, во исчекување сум, со нетрпение го чекам – од истите тие кои прифатија декларација за непромена на името, па потоа го сменија, од оние кои викаа дека нема ултиматуми, па го донесоа францускиот предлог, од тие кои велеа „ајде на референдум“, па потоа не ги признаваа резултатите од него.

Ајде да видиме какви се тие црвени линии, чија боја ќе биде побледа од најбелата боја, затоа што не може во исто време да се збори за црвени линии, а да се вели „мора да се прифати се што е на маса, безусловно“. Но ви велам, да бидете сигурни, додека јас сум претседател на Владата, нема да има игри со вакви прашање. Државата ќе биде сигурна. Наш приоритет се европските интеграции. Биле, се и ќе останат, но тој пат не смее повеќе да биде срамен. Треба да биде достоинствен, треба да биде пат по којшто ќе бидеме рамноправни со сите останати европски народи, а не понижени и засрамени како што за жал денеска сите од нас се чувствуваме. Но, мојот фокус како претседател на Владата е подобро образование, вистинско европско образование, среќни земјоделци, млади коишто остануваат дома, пензионери коишто се радуваат на своите најубави денови после се она што го направиле во својот живот, за своето семејство и за својата држава, работници коишто имаат услови за работа исти онакви какви што имаат нивните колеги во Европа. Силна економија, инвестиции, животен стандард најдобар на Балканот и еден од водечките во Европа. Тоа е мојот сон и сонот на мојата генерација, сигурен сум дека секој еден од вас ќе се согласи дека вреди да се жртвуваме за да го отсонуваме овој сон.

Драги пријатели,

Денес повторно сме исправени пред времиња што бараат храброст и одлучност. И повторно мора да го направиме вистинскиот избор-изборот на работа, изборот на заедништво, изборот на иднина што ќе ја оставиме на нашите деца.

Независноста, таа не е само обичен потпис на хартија-таа е жртва, таа е борба, таа е љубов кон оваа света македонска земја. Тоа е аманет од нашите предци, но и завет пред идните генерации.

Да се обединиме.

Драги пријатели, за тоа пишуваше и Гане Тодоровски:

„Колку е малку нужно в очи да те збереме,

колку е многу нужно во дланките на

самочувство

да те сочуваме.

Витосни векови време требало да се надживеат,

векови невекувани,

години неизгодинети,

денови неразденети.

Витосни векови време во костец со заборавот,

И-пак те имаме!

Тука сме, речи ни: почесто елате тука

и узнавајте ја смислата

на своето постоење.

Многузборлива немотијо, велиш ли:

и покрај сè-

живееме, живееме, живееме!“

И сосема на крај, би сакал да дадам една порака:

„Нема поголема чест од тоа да му служиш на својот народ и на својата земја! Нема повозвишен избор од вистинскиот избор-да бидеме исправени, да бидеме заедно и да веруваме татковината!

И затоа, денес и секој нареден ден, со гордост и достоинство велиме:

„Ти си нашата чест, нашата иднина и нашата љубов-и вистинскиот избор е да ја воздигнеме во вечноста!“

Бог да ја благослови нашата Македонија!

Честит празник и Ви благодарам!