Средба Попоски - Борг во Брисел: Малта ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, во рамки на својата дводневна работна посета на Брисел, утринава оствари средба со Тонио Борг, вице-премиер и министер за надворешни работи на Малта.

Главна тема на разговорите беа евроинтеграциските процеси на Република Македонија, при што министерот Борг искажал силна и недвосмислена подршка во тој правец.

Од страна на двајцата министри заеднички беше оценето дека почетокот на процесот на преговори за влез на Македонија во Европската унија ќе биде исклучително корисен, при што беше нагласено дека во три последователни наврати Европската комисија препорачува почеток на преговори.

Попоски го информира колегата од Малта за реформските процеси и клучните одредници што Република Македонија продолжува да ги остварува во рамки на пристапнито дијалог на високо ниво (ХЛАД).

- Морам да кажам дека имавме ммногу отворен дијалог со мојот малтешки колега Борг. И покрај својата воена неутралност, Малта има разбирање за важноста од македонско членство во НАТО Алијансата. Сепак, клучна беше пораката на малтешкиот вице-премиер за поддршка на Македонија за продолжување на европските интеграции и за логично отпочнување на процесот на преговори со ЕУ. Во врска со ова, Малта се приклучува на оценките на големиот број земји-членки на ЕУ што недвосмислено упатуваат на одржување на кредибилитетот на овој процес. Македонија сака да преговара за пристапување во Унијата и е исклучително посветена во надминување на сите можни билатерални препреки што во минатото стоеле на овој пат. Ние сакаме на европски начин да се приклучиме на ЕУ - рече министерот Попоски по средбата.

Како земја што не многу одамна го има заокружено процесот на пристапување во ЕУ, од малтешка страна беше нагласена корисноста од европска агенда и искажана поддршка за остварување на континуиран напредок во овој правец на нашата земја.

Истакнато беше дека една од позначајните малтешки компании за информатичка технологија “6 ПМ” има насочено своја стратешка инвестиција во Македонија вредна неколку милиони евра која вработува стотина макеоднски граѓани. Искажани беа очекувања дека ваков тип примери во доменот на странски инвестиции во Македонија, може да се мултиплицираат во иднина.

Попладнево, Попоски ќе има средба со еврокомесарот за проширување на Унијата, Штефан Филе, како и со претходниот претседавач со Советот на ЕУ, данскиот министер за европски прашања Николај Вамен. Разговорите ќе бидат посветени на тековните приоритети на европската интеграција на Македонија, но и очекувањата од новата грчка Влада во поглед на изгледите за надминување на наметнатиот билатерален спор.

Попоски и Филе ќе имаат и технички разговори во врска со утрешниот Деветти состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и ЕУ. Се очекува дека соговорниците ќе искажат интерес и за оценките во контекст на посетата на Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун на Македонија.