Министерот за економија и труд Бесар Дурмши на средба со раководството на ЦАМЛ: Заеднички чекори за одржлив развој со фокус на работни места

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмши, денеска оствари работна средба со главниот извршен директор на „Централ Азија Металс“ (ЦАМЛ), Гавин Ферар. На средбата присуствуваше и директорот за одржливост на компанијата, Ивица Талевски.

Разговорите беа насочени кон досегашниот развој на рударскиот комплекс „САСА“, кој е една од најзначајните компании во рударската индустрија во државата, како и кон плановите за понатамошни инвестиции и примена на меѓународни стандарди во одржливото работење.

Менаџментот на компанијата го информираше министерот Дурмши за досегашните резултати од работењето и потенцијалот за понатамошен раст, вклучително и во делот на заштита на животната средина и подобрување на условите за работа на вработените. Притоа беше истакнато дека стабилноста на работните места и развојот на локалната заедница во Македонска Каменица остануваат врвен приоритет на компанијата.

Министерот Дурмши ја нагласи поддршката од Владата за сите инвеститори кои покажуваат долгорочна визија и одговорност кон локалната заедница.

„Со успешни инвестиции како оваа, ја зајакнуваме економијата, обезбедуваме стабилни работни места и испраќаме јасна порака дека Северна Македонија е сигурна и атрактивна дестинација за инвестирање. За нас како министерство и Влада секое работно место значи подобар стандард за граѓаните“, рече министерот.

На средбата, соговорниците се согласија дека клучно е продолжувањето на соработката во насока на развој на рударската индустрија со почитување на највисоки стандарди за здравје и безбедност на работниците, како и заштита на животната средина.

„Централ Азија Металс“ е компанија што котира на Лондонската берза и од 2017 година е сопственик на рудникот за олово и цинк „САСА“ во Македонска Каменица, каде работат околу 800 вработени, а платите се за 60 проценти повисоки од просечната исплатена плата во земјава. Од почетокот на инвестицијата до денес, компанијата платитла 95,5 милиони долари за даноци и инвестирала над 2,4 милиони долари во локалната заедница.