Груевски: Ќе победиме во Охрид и ќе реализираме многу проекти

Ќе победиме во Охрид и ќе реализираме многу проекти, бидејќи со години наназад таму не се инвестира во ништо. На Охрид му се потребни повеќе хотели и подобра инфраструктура, улици, водовод, канализација, спортски објекти и катни гаражи, нешто што и на граѓаните и  на туристите да им овозможи попријатен престој, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

- За Охрид ќе имаме специјална програма. Таму ние ќе победиме и многу внимателно ќе ја изработиме програмата за да бидеме точни, прецизни и да немаме нешто што ќе го пишува, а да неможе да го исполниме. Ќе се фокусираме на развој на Охрид, кој предолго тапка во место. Предолго време овој градоначалник го гледа повеќе личниот интерес, отколку интересот на граѓаните,  рече Груевски.

Тој посочи дека ќе се фокусираат на развојот на градот во делот на туризмот и на задоволување на потребите како на граѓаните на Охрид, така и на туристите кои што доаѓаат. - Очигледно е дека во Охрид туризмот е една од секторите гранките кои носат голем доход не само на хотелиерите, туку и на граѓаните, додаде премиерот.

Со години наназад во Охрид, како што истакна, не се инвестира во ништо,  ниту во катни гаражи, ниту во спортски објекти.

- Градоначалникот не спречуваше да инвестираме во спортски објекти, во изградба на базен или катни гаражи, тоа ќе биде правецот на нашите приоритети. На оние периферни места каде што нема се уште водовод и канализација да се заврши тоа. Исто така да се даде една поголема понуда кон туристите и граѓаните на Охрид, да се изградат спортски објекти, да се изгради базен во градот, катни гаражи, бидејќи паркирањето е еден од најголемите проблеми и многу туристи тоа ги одвраќа, нагласи Груевски. 

Тој посочи дека во овој период расте бројот на странски туристи кои што ги носи Владата, а намален е бројот на домашни туристи на кои, како што рече, смачено им е од однесувањето на градоначалникот.

- Од тој аспект мислам дека ние ќе треба да го корегираме тоа што веќе осум години овој градоначалник го стави во заборав и форсираше на изградба на станови, нешто што не му носи многу на градот, нагласи Груевски.

На Охрид, како што рече, потребни му се повеќе хотели и подобра инфраструктура, улици, водовод, канализација, спортски објекти и катни гаражи нешто што и на граѓаните и  на туристите да им овозможи попријатен престој и повеќе ќе ги натера да дојдат и своите средства и пари за одмор да ги потрошат токму во овој град.

- Тоа не се правеше во минатите години и затоа мора да биде дел од нашите приоритети. Сепак конечната програма која ќе биде објавена ќе има многу проекти со конкретни рокови. Тогаш ќе може да ги видите и конечните планови за развој на градот Охрид по заминувањето на овој градоначалник, кој што осум години го држи во место градот Охрид, истакна Груевски по промоцијата на 20 нови изданија од владиниот проектот за превод на странски стручна литература.