Од седница на Владата: Догодина предвидени 500 милиони денари за изградба на ТИРЗ
„Џонсон контролс“ за 10 дена почнува со префрлање на машините во постоечкиот објект на „Македонска“ во Штип и со пробно производство, информира на денешната отворена владина седница Виктор Мизо, директор на Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Бунарџик.
Тој најави дека од почетоткот на наредната година ќе бидат вработени 300 луѓе кои по обучувањето ќе се вклучат во производниот процес на фабриката на „Џонсон контролс“ во Штип.
Во ноември треба да дојде опремата и на кинеската компанија „Хајер“ за склопување монитори и телевизори. Во изминатите денови се оджани состаноци со престваници на „Хајер“ за деталите на инвестицијата.
На седницата беше укажано дека без проблеми течат работите и во врска со другите странски иневстиции кои се реализираат во Македонија.
Мизо информира и дека за 10 дена ќе биде објавен повик за концеционер за јавно-приватно партнерство за ТИРЗ Тетово.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека во Буџетот за 2012 година се издвоени околу 500 милиони денари за ТИРЗ, или за 190 милиони денари повеќе од годинава. Тоа ќе овозможи да се интензивира тековната изградба и да почне реализацијата на планираните зони и другите градови. Такви зони, како што посочи премиерот Никола Груевски, се предвидени и во Гевегелија, Радовиш, Струга, Кичево, Прилеп, Струмица и Ранковце.