Доделени 25 концесии за рекреативен и три за стопански риболов

Владата донесе одлука за доделување на 25 концесии за рекреативен риболов на рекреативни друштва и правни лица, како и за три концесии за стопански риболов.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски денеска во Охрид појасни дека концесиите се доделени согласно риболовните основи што се изработени во соработка со Хидробиолошкиот завод, со цел да се утврдат условите при доделувањето на концесиите.

- Со одредувањето на концесионерите, Владата доби партнери кои заедно со државните институции понатаму ќе се грижат за заштитата на рибниот фонд. Концесионерот заштитата ќе ја остварува преку воведување рибочуварска служба и преку контролата на продажбата на уловената риба, но и ќе детектира и информира и за какви било еколошки проблеми, истакна Коњановски додавајќи дека истовремено доделувањето на конесиите ќе има и економски ефект преку вработување обучени лица за излов на риба.

Од 45 распишани концесии за рекреативен риболов Владата додели 25 концесии, додека за стопански излов се доделени три од четирите понудени концесии.

Седум од концесиите се однесуваат на рекреативен рибилов на риболовни ревири односно реките, додока 18 се за рекреативен риблов на вештачките акумулации и езера.

Сите концесии се доделени на период од шест години, со тоа што рекреативните концесионери плаќаат десет отсто од вредноста на издадените дозволи за организирање рекреативен рибилов.

Што се однесува на стопанскиот риболов, понудата на фирмата „Пастрмка 2012” – Охрид за стопанисиување со Охридското Езеро изнесува 12.392.500 денари, што концесионерот ќе ги исплаќа на шест подеднакви годишни рати. За Дојранското Езеро фирмата „Фишелан ДООЕЛ“ – Дојран на електронската аукција понуди 8.010.000 денари, додека идниот концесионер на акумулацијата „Шпилје„ фирмата „ЗЗ Охридска риба“ од Струга за таа намена понудила 1.851.500 денари. За Преспанското Езеро не била доставена понуда за концесионерство, така што повикот ќе биде повторен.

Согласно риболовните основи што ги изготви Хидробиолошкиот завод од Охрид, новиот концесионер на Охридското Езеро во првата година ќе може да излови 2.000 килограми пастрмка, 500 кг. белвица, 4.000 килограми крап, како и двеста тони плашица. Утврдените квоти на излов се со намена да врати рамнотежата меѓу видовите риба што ги има во езерото.