Ќе се формира национално тело за справување со компјутерски инциденти

 Министерството за информатичко општество и јавна администрација ќе формира национално тело за справување со компјутерски инциденти т.н. CIRТ со цел да се заштитат јавните информатички системи од компјутерски криминал.

Националното тело ќе биде составено од тим на ИТ експерти за безбедност на информатички системи, а за негово основање во следните неколку месеци ќе биде формирана меѓуресорска група која ќе треба да изготви план со конкретни чекори за негово формирање.

- Компјутерските инциденти освен што можат да предизвикаат огромни финансиски загуби, како и загуба на време, тие исто така можат да ги загрозат личните податоци на граѓаните, како и одредени класифицирани информации, со што може да се загрози и националната безбедност во државата. Оттука, имајќи ги предвид несогледливите загуби кои можат да настанат од недоволниот степен на информациска безбедност, државите преземаат мерки во насока на превенција и заштита на јавните информациски системи од ваков вид опасности, рече министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната прес-конференција.

Националното тело ќе презема проактивни мерки со цел да се спречат или ублажат последиците од можните штети, како и реактивни мерки за делување на компјутерски инциденти. Континуирано ќе се следат состојбите во областа на информациската безбедност и времено ќе се објавуваат предупредувања, ќе се подигнува јавната свест за значењето од информатичката безбедност и ќе се вршат едукативни обуки за специфични групи корисници. 

Информацијата за воспоставување национално тело за справување со компјутерски инциденти е веќе усвоена на владина седница.