Летен камп за деца - Македонци, припадници на македонските национални малцинства од соседните земји

Денес, 13 август 2012 год., Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, во Охрид го отвори првиот “Летен камп” за деца - припадници на македонските национални малцинства кои живеат во соседните држави на Република Македонија.  

Овој настан претставува дел од проектот на Владата на Република Македонија „Далеку, а блиску”, чија главна цел е подигнување на нивото на познавањето на македонскиот јазик меѓу припадниците на македонските национални малцинства во соседните земји и македонските заедници во дијаспората. “Летниот камп” оваа година се одржува во хотелот  „Конгресен Центар” во Охрид и е предвиден да трае до 19 - август. Овој настан, има за цел да го подобри познавањето на мајчиниот јазик на целната група и едновремено да се создаде поголемо заедништво помеѓу Македонците од соседните земји.

Наставата по македонски јазик ја изведува професор по македонски јазик од Државниот универзитет „Гоце Делчев”од Штип. Освен наставната компонента, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со културно – историското наследство на Охрид и околината, да присуствуваат на театарска претстава во склоп на “Охридско лето” и да проследат проекции на документарни филмови за историјата на Македонија и македонскиот народ. Споменатата програма е во насока на популаризирање на културните достигнувања на Република Македонија и уште повеќе зајакнување на културниот и националниот идентитет на припадниците на македонскиот народ кои живеат надвор од границите на Република Македонија.

Во иднина се предвидува “Летниот камп” да прерасне во традиционален настан и истиот да се одржува секоја година како собир на најдобрите ученици кои ги посетувале разните модалитети на изучување на македонскиот јазик во соседството и дијаспората.