Министерот Адеми ги посети децата сместени во одморалиштето на Пелистер

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и градоначалникот на општина Велес Горан Петров денеска го посетија Детското одморалиште на Пелистер каде се сместени децата со болести на респираторниот систем, анемии и алергии кои се последица од енормното индустриско загадување на локалната средина во која живеат.

Активноста е дел од годишната програма на Министерството, а ја организира Друштвото на родители за грижа за здраво поколение од Велес.

Министерот Адеми истакна дека заложбите на Владата се во насока на продолжување на престојот на децата и зголемување на буџетот предвиден за остварување на овие активности со кои директно се влијае на подобрување на здравјето на младата популација.

Според него, МЖСПП од буџетот издвојува 1.200.000 денари и со таа сума ги покрива трошоците за неделен престој на 150 деца. Дваесет деца се финансирани како социјално загрозени деца од Министерството за труд и социјална политика. Обезбедена е рехабилитација на 240 деца и 22 лица персонал, лекари, воспитувачи.

Во рамките на посетата, министерот Адеми беше информиран за различните содржини кои се дел од овој проект и со кои се развиваат позитивни однесувања кон животната средина. Децата реализираат низа еко активности посветени на здравата и чиста вода за пиење со која изобилува поблиската и подалечна околина на Детското одморалиште Пелистер, се одржуваат ликовни работилници, се изработуваат стрипови на тема Зелена мисија, литературни записи и еко информатор, како составен дел од летниот дневник кој децата го подготвуваат како автентичен извештај за Министерот за животна средина и неговиот тим.

Во детското одмаралиште на Пелистер се сместени 150 деца од Велес и по 30 од село Миладиновци, Осломеј, Кичево и кавадаречко Возарце.