Средба на министертот Попоски со рускиот амбасадор Шчербак

Развојот на билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација, како и можностите за нивно идно интензивирање и продлабочување во сите сфери од заемен интерес, како на билатерално така и на мултилатерално ниво, со акцент на економската соработка, биле тема на денешната средба на министерот за надворешни работи Никола Попоски со рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак.

- Двајцата соговорници изразија задоволство од динамичниот и содржаен политички дијалог што во континуитет се одвива меѓу двете земји на највисоко и високо ниво, и во тие рамки е изразен заемен интерес за посета на министерот Никола Попоски на Руската Федерација, во втората половина од  годинава, стои во соопштението од МНР.

На средбата, меѓу другото, била разгледана договорната состојба меѓу двете пријателски земји, а изразена е и подготвеност за интензивирање на соработката меѓу министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Руската Федерација.

Посебен акцент на средбата бил ставен на економската соработка, трговската размена, како и прашањата поврзани со реализација на проектите за гасификација на Република Македонија, согласно Спогодбата за регулирање на клириншкиот долг на Руската Федерација  кон Македонија, преку нејзино вклучување во проектот за гасоводот „Јужен тек“.

Особено била поздравена иницијативата за презентирање на македонските економски и туристички потенцијали во Руската Федерација преку т.н. „Роад шоу“ презентации, при што, како што се наведува, веќе се забележува зголемен интерес за директни руски инвестиции во македонското стопанство.