Доделени 78 лиценци за управување со отпад

Вкупно 78 лица денеска добија сертификати за управување со отпад. Од пријавените 88 на огласот, лиценца добија кандидатите што го положија стручниот испит и ги исполнија бараните критериуми.

Како што изјави министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми пред доделувањето на уверенијата, ова е трета генерација управители со отпад.

- Според Законот за отпад, секоја компанија мора да има вработени управители со отпад или анагжирано лица за оваа дејност. Ова е европска пракса што се применува и кај нас, рече Адеми.

Обврска на идните управители со отпад е изготвување и спроведување годишна програма за правните лица, следење на  тековната состојба во управувањето со отпадот, преземање активности и мерки за намалување и отстранување на создадениот отпад, изготвување извештаи за поголеми незгоди или хаварии кои можат да настанат при постапувањето со отпадот, информирање за можното загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето што е резултат на производството, третманот, преработката и отстранувањето на отпадот, предлагање конкретни решенија за правилно постапување со отпадот, како и контрола на видот и количеството на отпадот што се создава, преработува и отстранува.

Одговорајќи на новинарски прашања, министерот Адеми напомена дека инспекторите континуирано ја следат состојбата со отпадот на терен и ги конролираат депониите, вклучувајќи ги „Вардариште“ и локацијата во Тетово, при што се преземаат соодветни мерки.

- Најпрво се констатира фактичката состојба, а потоа со надлежните органи, јавните претпријатија и општините, се наложува чистење. Ако не се испочитува рокот за дислоцирање или отстранување на отпадот во депонија со лиценца, следуваат казни, објасни Адеми.

Во тек е, информира, и постапка за концесионирање на депонијата во Русинио, Гостиварско, која ќе го покрива Полошкиот регион.

- Останува да се надминат имотно-правните работи за локацијата и да се објави последната фаза во која очекуваме пријавување на повеќе од пет компании за менаџирање со целиот отпад во Полошко. Нашиот пристап е тоа прашање да се реши регионално зашто не може управувањето со отпад да се решава на ниво на една општина. Се надевам дека до крајот на годината ќе има концеснионер кој ќе биде задолжен да го реши проблемот, истакна Адеми.

Во понапредна фаза, додаде, е решението за менаџирањето со отпадот во Југоисточниот регион каде течат преговори со австриска компанија. За еден месец се очекува и потпишување договор кој ќе биде прв од ваков тип во Македонија.