Продолжена мерката за увоз на шеќер со пет отсто царина

 

Шеќерот и во наредните три месеци ќе се увезува со повластената царинска стапка од пет отсто, одлучи денеска владиниот Економски совет.

Оваа мерка истече вчера, но Владата ја продолжува за да им излезе во пресрет на увозниците и на компаниите од кондиторската индустрија.

- Мерката се продолжува за да се спречи создавањето правен вакуум до донесувањето на законот поддржан вчера на владината седница, со кој ќе биде преточена во трајно решение, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски по седницата на Советот.

Економскиот совет на Владата разгледува 15-тина точки меѓу кои и продолжувањето на проектот Вардарска долина.

На седницата, како што информира Пешевски, усвоена е и одлуката за воспоставување т.н. мета база на податоци во Централниот регистар. Проектот ќе трае две години, а целта е сите правни лица, компании, потребните податоци, наместо да ги доставуваат до секоја институција посебно, да ги внесуваат на едно место, електронски, во унифициран формат.

- Со овој проект Македонија ќе биде една од водечките земји во светот од аспект на воведување вакви системи. Досега авков систем е целосно реализиран само во Сингапур која важи за држава со најголем степен на конкурентност, донекаде е реализиран и во неколку земји од Европската унија, но на начинот како што е планирано да се спроведе кај нас не е реализиран никаде. И тука ќе бидеме едни од пионерите, рече Пешевски.

Податоците доставени електронски ќе се користат за компаративни анализи при креирањето на макроекономската политика, а воедно ќе бидат и официјално споредливи со слични податоци во други земји.

Придобивките од овој проект, нагласи вицепремиерот, најмногу ќе ги почувствува бизнис заедницата зашто веќе нема да се губи време на одење од еден до друг шалтер по институциите, а значително ќе се намалат и трошоците.

- Реформите продолжуваат во наоска на подобрување на бизнис климата, напоемна Пешевски. 

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со податоците од Централниот регистар дека годинава се затвориле повеќе фирми од лани, Пешевски истакна дека спроведените реформи го постигнале саканиот ефект.

- Дел од измените согласно кои директорите, сопственици на фирми со блокирани сметки или кои претпријатието го однеле во стечај не може да формираат нови друштва, придонесе за ова, но тоа беше и намерата, да се спречи каскадно формирање компании кои влегуваат од едно во друга фимра, од исти сопственици, без да ги регулираат обврските од претходното работење. Малку не изненади бројката на тие фирми зашто е поголема, но тоа значи средување на системот. Бројот на реално регистрираните компании во Централниот регистар не кореспондира со бројот на реално активни во прометот, рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.