Со поддршка на британската Влада ќе се прават анализи на усогласеноста на потребите на пазарот на труд и студиските програми

Меѓуинституционален национален одбор ќе прави анализа на пазарот на труд и на студиските програми со цел да се утврди, дали се компатибилни, односно дали универзитетите продуцираат кадар кој му е потребен на бизнис секторот.

Ова е предвидено со  Меморандумот за соработка и реализација на проектот „Градење капацитети за зголемена вработеност“, што денеска го поптишаа министрите за образование и наука и за труд и социјална политика Панче Кралев и Спиро Ристовски и амбасадорот на Велика Британија Кристофер Ивон. Проектот ќе се реализира со финансиска поддршка на британската Влада во висина од 130 илјади фунти.

- Целта на проектот е да се обезбеди директен трансфер на промените на пазарот на труд врз образовните програми преку креирање потполно оперативен меѓуинституционален одбор кој ќе има задача да ги следи промените на пазарот на труд и да ги рефлектира преку креирање студиски програми кои ќе бидат корисни за студентите за полесно наоѓање работно место, истакна министерот Кралев.

До проектот, додаде, се очекува да се зајакне соработката меѓу двете министерства, универзитетите и бизнис секторот. Така, според Кралев, ќе се создаде алка за постојана комуникација меѓу овие субјекти. Исто така, како што рече, со проектот ќе се зајакнат и капацитетите на владините институции за правење анализи за потребите на пазарот на труд и споредбата дали студиските програми соодветствуваат на тие потреби.

За министерот Ристовски, овој проект е потврда и продолжување на политиките на Владата за зголемување на можностите за вработување на младите лица.

- Ние и досега во соработка со МОН, а врз основа на показателите на Агенцијата за вработување и интересот кој постои кај странските инвеститори за тоа кои се профилите и потребните стручни подготовки на кадарот кој им е неопходен, апелиравме младите да се определуваат во поголем процент за техничките науки. Годинава има мало зголемување на процентот на млади кои се определиле за техничките науки, со кој не се целосно задоволни, но сепак претставува некакво придвижување, рече министерот за труд и социјална политика.

Тој ја искристи можноста уште еднаш да апелира младите да се определуваат за техничките науки на факултетите, но и за средните стручни училишта.

И британскиот амбасадор во Македонија Кристофер Ивон смета дека е неопходно да се постигне усогласеност меѓу потребите на пазарот на труд и бизнис секторот и продуцирањето соодветен кадар, особено, како што рече, во услови на економска криза кога можноста за вработување е многу важна.

- Ако во Македонија дојде инвеститор од Велика Британија тој би сакал да знае кои се способностите и вештините со кои располагаат луѓето овде кои би требало да работат во нивните компании, рече Ивон.

На ваков начин, смета тој, компаниите би имале корист од тоа што знаат дека се продуцира кадар што им е потребен, универзитетите би биле задоволни дека креираат соодветни студиски програми, а студентите, пак, оти студираат на програми кои можат да овозможат побрзо вработување.

Проектот ќе го имплементира Националниот центар за развој на образование и претприемничко учење во периодот од септември годинава до март 2014 година.