Канческа-Милевска: Фестивалот „Браќа Манаки“ ќе ја прикаже големата експанзија на македонската кинематографија

Годинашното 33. издание на  Интернационалниот Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, што под мотото „Продолжи да создаваш“ ќе се одржи од 15 до 21 септември во Центарот за култура во Битола, ќе ја прикаже големата експанзија на македонската кинематографија. Првпат во филмската историја на Фестивалот свеченото отворање и затворање ќе бидат одбележани со премиера на македонски филмови - „Трето полувреме“ во режија на Дарко Митревски и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски.

Ова денеска на прес-конференција во Музејот на македонската борба за државност и самостојност го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која рече дека на фестивалската сцена во секцијата „Македонска панорама“ ќе бидат прикажани други 28 македoнски филмови од најновата филмска продукција, во поголем дел поддржана од Филмскиот фонд.

- На 33.издание на Фестивалот со три антологиски македонски филмови, ќе биде одбележан и 60 годишниот јубилеј на „Вардар Филм“. На 16 септември во рамки на документарната програма премиерно ќе биде прикажан и првиот дел од филмот „Сведоци“ посветен на страдањата на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, рече Канческа-Милевска.

Особено ми е драго, посочи таа, што на 33.издание на Фестивалот ќе имаме можност за средба со легендата на светскиот филм, неповторливата Кетрин Денев, годинашната добитничка на социјалната награда „Златна камера 300“.

- Од исклучително значење е и присуството на еден од најголемите кинематографери Личано Товоли, добитник на престижната награда „Канера 300“, како и на австрискиот кинематографер Кристијан Бергер, добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за животно дело, рече Канческа-Милевска.

Таа нагласи дека присуството на филмските уметници од ваков ранг претставува потврда за репутацијата која го ужива Фестивалот во кругот на филмските работници и филмофилите во европски рамки.

- Филмската дејност во Македонија во последните години со големите заложби на Владата и Министерството за култура, како и на Филмскиот фонд бележи голем подем. Заврши снимањето и на новиот, петти по ред, филм на Столе Попов „До Балчак“ и на вториот филм на режисерот Игор Иванов Изи „Соба со пијано“, потенцира Канческа-Милевска.

За помалку од еден месец, додаде министерката, ќе започне реализацијата на проектот за дигитализација на кино салите низ Македонија, односно ќе се набават нови 15 дигитални проектори со што, како што рече, ќе се создадат услови и публиката во градовите во државата да ги гледа и најновите филмски остварувања.

Режисерот на „Трето полувреме“, Дарко Митревски рече дека филмот не е насочен против никого, туку говори за љубовта, херојството и зборува за обичниот човек од Македонија, за луѓето од Македонија кои во едно бурно историско време ја одбрале вистинската страна.

Продуцент на двата македонски филма во официјална конкуренција е Роберт Насков. На фестивалот, покрај врвната интернационална актерка Кетрин Денев, ќе бидат присутни и повеќе од 300 македонски и 150 странски гости. Ќе бидат присутни над 150 новинари од кои 30 бугарски.

На прес-конференција беше емитувано и сведоштвото на Нета Коен (православно име Марија Младеновска), Еврејка од Скопје, жената што е пресликана во централниот лик - Ребека во филмот „Трето полувреме“. Видеото е снимено од екипа на Шоа-фондацијата на Стивен Спилберг и е едно од речиси 52-те илјади интервјуа со преживеани од Холокаустот што ги има снимено фондацијата заради забележување на сведоштвата на преживеаните. Интегралната верзија на сведочењето на Нета Коен под кодот 47.772 постои во архивите на Шоа-фондацијата, во Лос Анџелес.