Средба на министерот Попоски со делегацијата од хрватското министерство за надворешни и европски работи

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска се сретна со делегацијата од Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска, која со своите македонски колеги имаше политички консултации.

На средбата, како што соопшти МНР, било нагласено  задоволство  од   традиционално  добрите односи меѓу двете земји  при што заеднички е оценето дека тие се силна основа за  натамошна надградба на соработката во сите области од заемен интерес. 

- Министерот Попоски информираше за Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Владата на Република Македонија и Европската Комисија,  при што ја истакна нашата посветеност на евроинтегративниот процес, како и убедување дека отворањето на преговорите со ЕУ ќе биде од полза за  Македонија и за целиот регион. Во овие рамки, сметаме дека претстојната балканска турнеја на  Пусиќ ќе испрати  силна порака до ЕУ и регионот во контекст на процесот на проширување, се вели во соопштението од МНР.

На средбата било нагласено дека Република Македонија ја цени иницијативата на Република Хрватска за склучување Договор за евроатланско партнерство меѓу владите на двете земји, во функција на промовирање на европскиот пат на земјите од Регионот.

Членовите на хрватската делегација подвлекле дека ќе продолжат заложбите за материјализирање на позитивните препораки кои Република Македонија  ги добива од Европската Комисија изминативе години, како и надеж дека во декември со донесување Одлука од страна на Европскиот Совет, Република Македонија ќе го добие заслужениот датум за почеток на пристапните преговори.