Врачени индексите на студентите од социјално загрозени семејства, стипендирани од Филозофскиот факултет

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денеска им ги врачи индексите на студентите кои стекнаа право на стипендија врз основа на потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Министерството и Филозофскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Меморандумот предвидуваше инстутутите, дел од Филозовскиот факултет од Скопје, да доделат осум школарини за деца од семејства корисници на социјална помош.

- Мислам дека овој начин на мотивација на младите да продолжат да студираат, особено на оние на кои им е најпотребна поддршка од државата во делот на ослободување од партиципација, односно бесплатно школување, ќе придонесе за зголемување на квалитетот кај нив самите, но од друга страна и мотивација за нивните пријатели и другари  да се вклучат во образовниот систем, истакна министерот Ристовски.

Тој исто така изрази задоволство и од активното вклучување на Филозофскиот факултет во развојот на практичната работа на студентите од областа на социјалната политика, нешто што, исто така, беше дел од Меморандумот.

- Во изминатиот период 200 студенти од Институот за социјална политика беа и се активни практиканти во центрите за социјална работа. На таков начин тие ќе ги развијат своите вештини и ќе го зголемат искуството за натамошна поуспешна реализација на нивните работни обврски, истакна министерот за труд и социјална политика.