Изготвен закон за упатување македонски работници во странство

Условите и начинот на  упатувањето на работници од Република Македонија во други држави за изведување градежни работи преку проектни договори и за вршење на други сезонски работи се регулира со закон кој го изготви и усвои Владата на Република Македонија, соопшти денеска на прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.   

- Упатувањето на градежни работници за изведување на проектни договори во странство се врши врз основа на претходно утврдена квота, од  страна на Владата на државата  во којашто се упатуваат работниците. За разлика од порано каде што распределбата на квотите ја вршеше Комисија, за прв пат во Министерството за труд и социјална политика се изготви софтверско решение со кое се воспоставува нов систем на електронска распределба на одобрените квоти.  Со ова софтверско решение ќе се овозможи поголем увид во постапката, поголема информираност и поголема транспарентност на упатувањето на градежните работници во странство, рече министерот Ристовски.

Појасни дека секоја заинтересирана компанија којашто аплицирала за добивање на работни дозволи на работници за работа во странство, има право да учествува на самиот чин на распределба на квотите, преку еден свој претставник, којшто самата ќе го назначи.

Потоа, како што додаде Ристовски, врз основа на извршената распределба од софтверот, се донесува Одлука од страна на  Комисијата, составена од претставници на министерствата за труд и социјална политика, за економија, за финансии, за транспорт и врски и Стопанската Комора на Македонија. Членовите на Комисијата, се именуваат за време од една година, но не повеќе од два мандати.
  
- Во случај кога има упатување на работници за изведување на проектни договори во други земји преку однапред утврдени квоти,  распределбата на определена квота ќе се врши по пат на јавен повик, објавен во дневниот печат. При распределба на квотата, во предвид се земаат следниве критериуми: вкупен број на вработени работници во трговското друштво на неопределено време; референци  на трговското друштво  во земјата и странство и степен на искористеност на претходно добиеното право на упатување работници за изведување на градежни работи преку проектни договори, истакна Ристовски.

законското решение предвидува трговските друштва коишто прв пат се јавуваат со барање за упатување на работници во друга држава, може да им се распредели до 20 проценти од вкупното право на  определената квота,  за тековната година.

- Она што е битно е дека упатувањето на работници за вршење на сезонски работи се врши врз основа на претходно искажана конкретна потреба од работници од страна на работодавачот. Барањето се доставува до Министерството за труд и социјална политика, коешто потоа го проследува до Агенцијата за вработување на Република Македонија, рече тој.

Правото на упатување на работници, додаде Ристовски, трговските друштва ќе бидат должни да го искористат најдоцна во рок од 60 дена по добивање  на Одлуката од страна на Комисијата. Во законот е предвидена можност за одземање на ова право доколку не се запазат утврдените рокови, но и можност две или повеќе трговски друштва да го соединат добиеното право за упатување на работници, заради заеднички настап на пазарот во другата  држава.

На ваков начин, смета министерот за труд и социјална политика, се овозможува поголема заштита на работниците кои што се упатуваат на работа во други држави и им обезбедува целосно регулирани услови на македонските трговски друштва.

Според последните информации од македоските амбасади, од Македонија во странство, претежно во соседните и поблиските земји, заминале од 4.500 до 5.000 работници со работни дозволи. Од нив, околу половина се во Словенија.