Министерот Димовски го отвори пливачкиот маратон „Дојрански спортски ракувања“

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство  Љупчо Димовски денеска во Дојран ги отвори „Дојранските спортски ракувања“ и пливачкиот маратон кој повторно се одржа по пауза од дваесет години.

Според министерот, особено радува фактот што се гледа дека Дојранското Езеро повторно го враќа својот сјај. Значењето на езерото е огромно, не само поради тоа што претставува извор на храна, туку со своите специфични лековити својства и пријатната клима туристичката сезона овде почнува порано, од 15 мај, а трае до 15 септември.

- Со враќањето на водата во езерото се овозможи да се дадат на концесија рибите од риболовната вода Дојранско Езеро за вршење стопански и оранизирање рекреативен риболов истакна Димовски.

Тој посочи дека стопанскиот риболов на Дојранското Езеро во наредниот период на концесија ќе се врши на два начина, со употреба на „мандри“ и корморани со старите традиционални дојрански чамци (кораби) и соодветен риболовен алат и комерцијален риболов на отворена вода. 

Сегашниот концесионер „Фишилан” ДООЕЛ – Нов Дојран ја презема обврската  после долг период, да ја реализира и главната активност во вршењето на стопанскиот риболов, а тоа е изградбата на мандри чии локациски исто така се утврдени во риболовната основа со што се овозможува изградбата на мандрите што претставува реализација на заложбата на Владата и ресорноро Министерство за враќањето, односно обновувањето на стариот, традиционален начин на риболов.

- Актуелизирањето на традиционалниот начин на риболов е заради неговата специфичност и е еден од начините во вршењето на стопанскиот риболов кој треба да се искористи и за промоција и развој на риболовниот туризам, а со тоа и на  збогатување на вкупната туристичката понуда на овој регион, рече Димовски.

Посакувајќи им на натпреварувачите успешна трка, министерот изрази надеж дека маратонот ќе прерасне во традиција и идните олимпијски маратонци ќе дојдат токму од овој куп во далечинско пливање.