Груевски: Македонија спроведе многу реформи со високиот претпристапен дијалог

Високиот претпристапен дијалог како процес даде добри резултати, влијаеше позитивно, наметна уште посилна динамика од онаа што претходно ја имавме, изјави денеска премиерот Никола Груевски, изразувајќи надеж дека тоа утре ќе го констатира и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој треба да пристигне во работна посета на Македонија.

Поздравувајќи го чекорот на ЕК за висок претпристапен дијалог со Република Македонија, Груевски истакна дека во изминатиот период макотрпно работевме на исполнување на целите зацртани заеднички со ЕК, со Филе и неговите соработници на претходните наши средби.

- Мислам дека го направивме нашиот максимум и во соработка со нив и во консултации со ЕК особено за почуствителните прашања и закони. Направивме голем исчекор и се надевам дека тоа ќе биде препознаено од страна на ЕК и од страна на Фуле и преточено во извештајот кој што следува. Се разбира имаме уште многу предизвици на коишто ќе продолжиме да работиме  и од овие области кои што  сега се покриваат и од многу  други области. Мислам дека за клучните области се направени сериозни исчекори. Останува да видиме како на тоа како ќе гледа ЕК, рече македонскиот премиер по отпочнување на работите за изгрдба на канализација во Стајковци.

На новинарското прашање дали очекува во претстојниот извештај за напредокот на Македонија да има датум за почеток на преговорите, тој е дециден дека доколку немаше проблеми од друг карактер поврзани со блокади и слично од други држави стартот на преговорите требаше да се случи уште во 2009 година.

- Тоа не ниту тајна, ниту дури јавна тајна, тоа е општо позната работа дека преговорите требаше да започнат во 2009 година, можеше и во 2010,  во 2011. Дали тоа ќе се случи  во 2012 ќе видиме. Се надевам дека државите членки на ЕУ препознавајќи го овој извештај, којшто верувам дека ќе биде со многу завршени работи и со многу позитивни работи, конечно ќе најдат начин да се изнајде решение за започнување на преговорите. Но, тоа не зависи од нас, тоа зависи од државите земји членки, рече премиерот Груевски, додавајќи оти останува да видиме што ќе се случи.